Наслов

Грч си е грч

Поради фактот што секој спортист некогаш имал некое згрчено искуство, убаво е да се има на ум како правилно може да се отстрани, зошто всушност воопшто се манифестира и како едноставно да се превенира.

Мускулниот грч или спазам е ненадејна блага до многу силна болка како резултат на неконтролирана и силна контракција на еден мускул или мускулна група.

Најчеста причина е мускулен замор предизвикан од невообичаени, прекумерни и монотони контракции, потоа нагли затоплувања или разладувања и пречки во циркулацијата предизвикана од несоодветни спортски обувки, бандаж, стегачи и слично.

Во основа, причината е електролитен дисбаланс т.е. недостаток на есенцијално потребни минерали за основните мускулни функции (калиум, калциум и магнезиум). Основна пак причина за недостатокот на овие минерали е дехидратацијата т.е. недостаток на основното транспортно средство низ клеточните мембрани - водата.

Лесно е да се надоврзат како причина и невропатиите, емотивниот стрес, хормонскиот дисбиланс и многу други.

Основно правило во првата помош и самопомош е проста антагонистичка контракција (затегнување на групата мускули кои ја вршат обратната функција од мускулите кои се во грч) со што се намалува или комплетно се запира мускулниот спазам.

Најчести спазми се случуваат на листот на подколеницата и на задната надколена ложа. Основна манипулација за брзо отклонување на грчот на листот е дорзална флексија (кон нагоре) на стапалото до 90 степени, но притоа целата нога да лежи исправена на подлога.

Отстранувањето на грчот на задната надколена ложа се врши со силен притисок со обете дланки врз ложата, но со фиксирано колено и потколеница за подлогата. Правилно изведените манипулации дават брзи резултати. Евентуалните мускулни непријатности се отстрануваат со кружни масажи и топли компреси.

Уредната дневна хидратација со минимум од 2 литри течност, вода или изотонични напитоци се основната превентивна мерка, надополнети со овошје, зеленчук и млечни производи.

Мускулните грчеви ако не се поврзани со спортски или рекреативни активности може да се симптоми на многу заболувања и состојби што треба сериозно да се евалуираат во корелација со вашиот доктор.

04 Јули 2013

За авторот