Наслов

7 совети за превенција на мускулно – скелетни повреди

„Болката е најдобар пријател на човекот“- Хипократ. Секоја болна состојба или непријатност, различна од нормалното во тек на спортските активности треба да се испочитува бидејќи тоа е најчесто иницијалниот предупредувачки знак.

Советите за да направите правовремена реакција за да избегнете долги и мачни болни состојби се клучни за секој што се бави со било каква спортска активност.

Слушајте го вашето тело. Немојте да ги игнорирате суптилните предупредувања на било кој дел од вашиот мускуло-скелетен систем. Некогаш ќе биде доволно и да се прекинат понатамошните активности за да се превенира поголема повреда. Спортско-медицинската наука потврдува дека најголем број на сериозни повреди настануваат од непочитување на предупредувачките знаци.

"RICE" принцип. Никогаш нема да згрешите ако при било каква мускулоскелетна болка ги применувате основните принципи за превенција од поголема повреда. Како и да е, Вие секогаш ќе имате корист. Мирувањето (rest), мраз (ice), компресијата со еластичен или било каков завој (compression) и елевацијата (elevation) веќе се задолжителна лекција и за најмладите категории на спортисти.

Вашата креативност во пласирањето на студени компреси можеби ќе биде поинаква од употребата на коцки мраз, смрзнато шише, смрзната кеса со грашок, лименка пиво или било што друго, но најбитно е третманот да биде на секој два часа по десетина минути.

Одморот во раната фаза на повредата е клучната алатка која освен коректната рехабилитација можеби ќе ве натера да направите и добра анализа на причините за повредата. НЕ МОЖЕ ДА СТАСАТЕ НА ЦЕЛТА АКО НЕ СТЕ СТИГНАЛЕ НА СТАРТОТ.

Бидете свесни за својата повреда и секогаш правете добра анализа и барајте ја причината за неа. Мора да има причина. Барајте ја причината, а лекувајте ја повредата. Најчести причини на кои треба да обрнете внимание се претренираност, мускулна слабост, несоодветна опрема и др.

Многу честа причина за повреди се слабост на одредени пасивни мускулни групи во спортска активност. Мускулоскелтниот систем е совршен композит кои секогаш треба во целост да биде тонизирана и спремен без разлика на спецификите на спортската активност.

Имајте секогаш спремен линк со Вашиот доктор ако имате неуспех во дозволеното самолекување.

Не се туркајте со сила во повреди!

23 Септември 2013

За авторот