Петти дел

Наслов

Умствени игри

Некако успеавме да собереме што повеќе правила за улични и умствени игри и да ги документираме во нашата база. На вам е редот да ги испечатите и да ги повторите со вашето дете, а уште поубаво би било децата да си се вратат на улиците со оваа oldschool конципирана забава и дружење.

Умствени игри - поттикнуваат когнитивен развој кај децата

Асоцијации
Потреби: Потребни се минимум 2 деца, а може и возрасни, за играта. Може да се игра било каде.

Правила: Забавна игра на зборови каде се погодуваат називи на најавена тема. Едно дете смислува збор и го опишува на останатите, што побрзо, без да се користи мимики. Детето кое ќе го погоди зборот (ако се повеќе од 2 деца) наредниот круг смислува нов збор и го објаснува со зборови. Доколку детето што објаснува гестиулира нешто, губи, и се менува со друго.

Пантомима
Потреби: Потребни се минимум 2 деца за играта. Може да се игра било каде.

Правила: Забавна игра на мимики каде со сите можни гестикулации се објаснува некој збор на најавена тема. Едно дете смислува збор и го презентира пред останатите без да испушти звук, само со мимики. Детето кое ќе го погоди зборот (ако се повеќе од 2 деца) наредниот круг смислува нов збор и го презентира. Исто така, доколку детето што објаснува каже нешто на глас, губи, и се менува со друго.

Брза географија
Потреби: Потребни се минимум 2 деца за играта. Може да се игра било каде.

Правила: Со оваа игра ќе го тестирате вашето општо познавање и познавање на географските топоними. Истовремено со оваа игра се развива вашата способност за брзо размислување. Еден кажува буква, а на другите треба да текне по една:
Држава -
Град -
Село -
Планина -
Река -
Растение -
Животно -
Предмет -
Име -
На кого најбрзо ќе му текнат бараните називи, тој е победник, а потоа се смислува нова буква.

Икс-нула
Потреби: Потребни се 2 деца за играта. Може да се игра било каде. Полето може да се исцрта со креда на бетон, но може да се игра и на лист хартија во секое време.

Правила: Игра која се игра на мрежа од полиња со димензии 3х3. Доколку првиот играч внесе O на некое поле вториот треба да внесе X на едно од слободните полиња. И така наизменично се додека некој не нарави три исти знаци во низа (Вертикално, хоризонтално или дијагонално) и победи или пак играта да заврши нерешено со сите полиња пополнети, а ниту една низа.

Продолжи ја реченицата
Потреби: Потребни се што повеќе деца за играта да биде поинтересна. Може да се игра било каде.

Правила: Играта почнува така што едно дете кажува недовршена реченица, а на него се надоврзува друго дете што ја дополнува со логичен завршеток. Победува најбрзото дете со најлогично дополнување.
На пример: Децата треба да пијат....млеко!

На буква на буква
Потреби: Потребни се што повеќе деца за играта да биде поинтересна. Може да се игра било каде.

Правила: Играта започнува така што едно дете бара предмет во просторијата или пространството каде што се наоѓа, и ја кажува првата буква од истиот. Другите деца треба да го погодат предметот. Се разбира кој го погоди победува и негов е редот да избере предмет за погодување.

Расипан телефон
Потреби: Потребни се повеќе од 3 деца за играта да има поента. Може да се игра било каде.

Правила: Сите деца се наредени едно до друго така што првото дете му шепнува некој збор на второто дете. Ова треба да го пренесе (шепти) на детето до него и тн. Се шепнува само по еднаш и нема - како? како?. Како си слушнал - така пренесуваш. На крај, последното дете гласно го кажува зборот што го слушнало. Цепки! Па се бара каде бил „прекинот", од последното кон првото дете. Еден вика - „така слушнав", другиот - „не, ти реков...", но најчесто и тоа не е точно, па се бара понатаму, се' додека не се најде првиот „прекин". На крај, детето што го смислило зборот го објаснува на останатите.

Гатанки
Потреби: Книга со гатанки или гатанки научени наизуст. Потребни се минимум 2, а препорачливо е повеќе деца. Може да се игра било каде.

Правила: Сите деца собрани на купче, прават ком-па-ни-ја за кој прв да кажува гатанка или пак доброволно се бира еден. Истапува детето и ја кажува гатанката. Кој ќе ја погоди ја менува. Додека никој не ја погоди, истото дете кажува нова гатанка. Може да се игра и на награди.

Латерални загатки
Потреби: Потребни се минимум 2 деца. Може да се игра било каде.

Правила: Во овие загатки се земаат чудни ситуации и каде еден од играчите го знае решението, додека другите треба да поставуваат прашања. Оној што одговара може да одговара само со Да, Не или Небитно. Потребно е другите да дојдат до проблемот од различни правци, да ги проверат своите претпоставки и да ги спојат сите заклучоци заедно.

Бесилка
Потреби: Потребни се минимум 2 деца, но играта не функицонира со премногу деца. Доколку се игра надвор може да се црта со креда на улица, а доколку нема креда или улица, лесно може да дојдете до хартија и молив.

Правила: Едно дете смислува збор на одредена тема (која предходно се договара) додека останатите погодуваат. Се црта бесилка во форма на буквата Г, а под неа цртки колку што букви содржи зборот. Секој има една шанса да погоди буква или целиот збор при еден круг. Доколку детето згреши, се црта дел од човечето кое се беси. Доколку се погоди буква се впишува во цртката каде што и е местото (ако се повторува се пишува секаде каде што ја има). Доколку детето го погоди целиот збор тогаш тоа победник и смислува нов збор. Исто така, играта завршува кога ќе се нацрта целото човече, а не се погодил зборот. Во тој случај истото дете смислува нов збор.

Карти
Потреби: Да се има еден или два шпила карти. Потребни се минимум 2 деца. Може да се игра било каде.

Правила: Во зависност од тоа која игра со карти се игра правилата варираат. Постојат многу игри, но најчесто се играло бриџ, покер, макао, магарац и табланет.

27 Ноември 2012

За авторот