Прв дел

Улични игри (Прв дел)

Некако успеавме да собереме што повеќе правила за улични игри и да ги документираме во нашата база. Вам ви е редот да ги испечатите и да ги повторите со вашето дете, а уште поубаво би било децата да си се вратат на улиците со оваа “oldschool” конципирана забава и дружење. 

Сепак, оваа база на улични игри немаше да изгледа вака без нашите пријатели, македонскиот блогер – волан и македонскиот проект за деца – Учиме низ игра. Ви благодариме многу за некои од игрите и среќни сме што некој сеуште се обидува да ги зачува и повтори на улица!

Физички активни игри – поттикнуваат развој на моториката и умот кај децата

Грабни стапче
Потреби: Стапче од 10-20 сантиметри и слободна улица за трчање. Требаат минимум пет деца за играта да има смисла.

Правила: Децата се делат во две еднакви групи. Секој од членовите во групата има свој број. Стапчето се става на средина со иста раздалеченост од базите на двете екипи, нешто како 20 чекори од секоја група. Има едно дете што е судија и не ги знае точните броеви на членовите од групите. Така тоа кажува број од 1 до 10 во зависност од тоа колку играчи има. Сите се на штрек и тој што ќе си го слушне бројот истрчува кон стапчето…е сега финтата е кој е побрз и има подобри рефлекси! Ако некој успее да го земе стапчето и да стигне до својата група тогаш таа група добива поен. Доколку другата група прва не успее да го фати стапчето, може да го брка натпреварувачот со стапчето и ако го фати тогаш поенот оди за спротивната група. Е сега, ако ни едниот ни другиот не се осмелуваат да го земат стапчето (бидејќи ако го земе едниот а другиот го фати губат поен) тогаш судијата чека некое време, па кажува друг број и истрчува уште по еден натпреварувач од двете групи со кажаниот број. Новите натпреварувачи им помагаат на првите двајца како во рагби, односно може да си го подаваат стапчето додека не стигнат до нивната база. Поен добива тој што ќе го грабне стапчето. Или тој што го фатил оној кој бегал со стапчето. Натпреварувачите не смеат да се допираат додека не го земат стапчето, а ако некој некого пипне предходно губи поен. Затоа треба судија кој е цело време блиску до играчите и ја води играта која завршува кога едната група ќе стигне до 11 или до 21 поен (по договор).

Сакате ли војна
Потреби: Се што треба е слободна пространа улица и што повеќе деца за играта да биде повозбудлива.

Правила: Се делат децата на две еднакви групи, со тоа што два капитена наизменично си бираат членови. Потоа се раздалечуваат на 10 метри од прилика, секоја група се шири по ширината на улицата фатени за раце и извикува “Сакате ли војнаааа? Дааааа! Од кого?” Се кажува “име од спротивната група”. Тоа дете бира помеѓу кои двајца ќе помине, се затрчува и пробува да ги растури фатените раце. Доколку му успее, победничката група прибира еден член од спротивната група. И така најизменично се менуваат, додека едната група остане без членови. Тогаш се знае кој е победникот нели?

Ден-ноќ
Потреби: Се што треба е слободна улица и што повеќе деца за играта да биде повозбудлива.

Правила:
Група од деца наредена во круг, а главниот во средина и вели: ден, ноќ… ноќ, без некој редослед на „ден” треба да станеш, на „ноќ” – да клекнеш. Ако згрешиш-„излегуваш!”

Плочка
Потреби: Се игра на улица, во школски двор или на игралиште. На бетон или асфалт се црта со креда а на земја со стапче. Шемата се исцртува во квадрати каде првиот, вториот, третиот, шестиот и деветиот квадрат е индивидуални, додека четвртиот и петтиот, седмиот и осмиот се заеднички, а десеттиот квадрат е крајот. Во квадратите се означуваат броеви од 1-9 со ред, а десеттиот се црта во полукруг кој се нарекува “пекол”.

Правила: Играчите си одлучуваат за својата плочка. Таа може да биде дел од цигла, плочест камен, дрвена иверка или нешто друго слично на плочка. Играчот ја фрла својата плочка на полето со број 1. Ако плочката падне и остане во тој квадрат, без да ја премине линијата, играчот почнува да скока. Скокањето почнува на една нога на индивидуалните полиња, а на дуплите полиња се стои со лева нога на левиот а со десна нога на десниот квадрат. Кај последниот 10ти квадрат, играчот треба да се сврти на една нога и да се врати до почетокот на шемата. На враќање, играчот кога ќе дојде до полето каде што се наоѓа неговата плочка, се наведнува да ја земе без притоа да ги помрдне нозете, ја зема и се враќа на почеток.
Ако при скокањето играчот застане на линија, изгуби рамнотежа или застане на двете нозе каде не е дозволено, го губи својот ред, а играта продолжува со наредниот играч.
Доколку играчот помине низ целата шема според правилата, ја фрла својата плочка во квадратот со наредниот број и повторно поминува низ шемата.
Победник е оној играч кој прв ќе помине низ сите квадрати.

Ластик
Потреби: Оригинал ластик можеше да се купи, но не беше проблем и кога го немавме, бидејќи баба ми секогаш имаше ролна бел ластик по дома кој често ми служеше за да си направам еден домашен. Требаше само убаво да се врзе и воала, завршена работа. Потребни се минимум 3 деца, но и со 2 може да помине доколку едниот крај се врзе на било каков столб, метална шипка или дрво (значи нема изговори).

Правила: Две деца држат (односно го оптегнуваат ластикот од двете страни), а едно или две деца скокаат. Може да има и “бољи пар” ако се повеќе деца. Се почнува со скокање кога децата го држат ластикот на глужд, па до колена, па “под гз”, па половина, па под мишки, па рамо, па врат, па ниски (со рацете над глава се држи ластикот), па високи (со рацете исправени горе се држи ластикот). Исто така, има и друга димензија за отежнување на играта како држење со една нога, една рака, еден прст,два прста…и така до цела рака. Губи оној што ќе ја згреши играта, што ќе го стапне ластикот или што ќе го фати со рака (освен на високи).
Кај нас се играа игри како
Македонските (влези -внатре со двете нозе, рашири – ги нозете, еден два– скокни од едниот крај на ластикот на другиот кој треба да остане меѓу нозете, а по скокот се тргна надвор од ластикот, влези излези – со двете нозе се скока внатре и се излегува од истата страна, еден два – скокни од едниот крај на ластикот на другиот кој треба да остане меѓу нозете, еден два три – скокни три пати од една на друга страна, така што ластикот ќе остане меѓу нозете)…,
Е-ма е-саса е-саса о пи-пи-ја (повеќе за загревање),
Олимпија и други.
Но постојат многу варијанти на игрите, а тоа и не е толку чудно поради фактот што играта потекнува од Кина.

Жмурка (Криенка)
Потреби: Се што треба се повеќе места за криење и деца за играта да биде повозбудлива и интересна.

Правила: Играта се игра на тој начин – што едно дете по избор – со друга игра “сана бана” или “ени мени сени” – се избира да жмури… се мавта со рачињата – со покажување на лице или наличје на дланката – вртење – и во еден момент се застанува – и оние кои имаат повеќе да речеме дланки со лице не жмурат…
Детето што жмури – застанува до некој зид – или дрво и со покриени очи брои до десет и вели “пу пред мене, пу зад мене – гори пу – барам..”
Оние други деца се разбегуваат по околните ќошеви и скришни места – и чекаат прилика да оној кој жмури се одалечи од местото каде броел и со трчење пред него да стигне до местото и плукне на тоа место – со што се спасил да не жмури … Ова “пу пред мене, пу зад мене” е за сите оние што се непосредно пред или позади (не се сокриле на време) она дете што жмури … тие ведаш се елиминираат … Сега детето што жмури ги бара со поглед оние што се кријат – и кога ќе види некое дотрчува до местото каде што “жмурел-броел” и заедно со извикот на името на тој што е откриен плука, со тоа, тоа дете е вон од игра… изгорен е… Но ако потоа некое дете дотрча порано пред детево што жмури и плукне на зидот “Пу за мене пу за сите”, сите претходно “изгорени” деца “плукнати” се спасени!
Кругот на играта се игра се додека не искочи на виделина и последното дете кое или ќе ги “спаси” сите пред него кои се плукнати или тоа ке жмури 🙂
Симпатична игра во која се развива мисловниот процес каде да го најдеш другарчето (мислиш каде ти најпрво би се скрил и таму бараш) или (мислиш каде би се сокрил а да не те пронајдат). Понатаму се развива моториката и се набива и се троши енергија со трчањето (што е многу неопходно за правилниот и брзиот развој на децата), а и адреналинот работи – за да не те отријат, за да те спасат! Иако е проста играта полна е со возбуда за децат. Плус и ништо не е потребно ништо освен имагинацијата на децата – која со играта се развива.

Продолжува…