Четврти дел

Наслов

Улични игри (Четврти дел)

Некако успеавме да собереме што повеќе правила за улични игри и да ги документираме во нашата база. На вам е редот да ги испечатите и да ги повторите со вашето дете, а уште поубаво би било децата да си се вратат на улиците со оваа oldschool конципирана забава и дружење.

Сепак, оваа база на улични игри немаше да изгледа вака без нашите пријатели, македонскиот блогер - волан и македонскиот проект за деца - Учиме низ игра. Ви благодариме многу за некои од игрите и среќни сме што некој сеуште се обидува да ги зачува и повтори на улица!

Физички активни игри - поттикнуваат развој на моториката и умот кај децата

Долга магарица
Потреби: Минимум четири деца се потребни инаку играта не е интересна. Што повеќе толку подобро! Треба да има еден цврст ѕид каде што едно дете ќе биде потпрено. Нема други потреби за оваа игра.

Правила: Се игра кога групата деца се дели на две групи. Едната група на деца се реди со наведнати глави меѓу нозе на тој пред нив. На почетокот на оние што лежат стои исправено едно дете, потпрено на зид или дрво - тоа може да биде и женско (овој играч се нарекува и "перница" и поради мекоста на перницата затоа и се става женско) - тоа стои со подраширени нозе - првиот што лежи се наведнува - ја пика главата меѓу нозе на тој пред него - го фаќа за струк и ги подраширува нозете за да се нареди групата - во стил како први така други. Другата група скока врз полегнатите и ќе победи ако успее некој од полегнатите да подклекне - да не го издржи товарот од децата што рипаат. Ако издржат оние полегнатите се менуваат улогите. Ако не издржат за казна повторно лежат истата група на деца што подклекнале.

Јанино јанино
Потреби: Се игра со минимум две деца, но со повеќе е поинтересно. Се препорачува да се скока на трева поради опасност од повреди при пад. Се бара добар скок во височина.

Правила: Се бира еден (ком-па-ни-ја, ени-мени-сени) што ќе лежи (свиткан надолу со главата и прстите на рацете да ги допираат прстите од нозете), а останатите го скокаат (како јарецот на физичко) при што извикуваат Јааанинооо јаниииноооо куппуусс сии слаанииинооо! Сите се редат за скокање и доколку им успее, наредна фаза е тој што лежи да се исправи малку повиско што претставува поголем предизвик за скокачите. Така, тие повторно скокаат се додека на некој не му успее скокот. Тогаш, се менува тој што лежи со тој што не му успеал скокот. Играта продолжува од почеток.

Граница
Потреби: Потребни се две екипи со минимум од три деца. Секоја екипа си ја брани својата територија, а поентата е да се освои спротивната. Се игра на било каков терен, важно е да има поголемо пространство.

Правила: Се одредува која екипа прва ќе освојува со фрлање на паричка (петка или глава). Екипата што освојува ќе победи во случај кога еден или повеќе нејзини членови ќе стапнат во однапред определениот територијален центар на "бранителите". Но притоа треба да пазат за да не бидат "заробени", бидејќи доколку спротивната екипа ги зароби сите "освојувачи" тогаш таа е "победникот".

Џамија
Потреби: Се избираат два тима, но минимумот е да има вкупно четири деца. Потребна е креда или стапче за цртање во земја. На бетон, асфалт или земја се црта квадрат во чии агли се распоредуваат или во средина се редат 5 плочки (плоснати камчиња, цигли и слично што можат, но не толку лесно, да се наредат една врз друга). Едниот тим со топка од определено растојание (7-8 метри) се обидува да ги растури плочките, а кога ќе успее, другиот тим ги реди плочките (4 по аглите и една коцка во средина).

Правила: Едниот тим го чува квадратот со топка за да не дојдат играчите-децата од другиот тим да ја наредат џамијата, која е готова кога 5-те плочки се наредени една врз друга. Ако те удрат со топката, излегуваш од игра! Ако дојдат да те бркаат со топката, додека ти бегаш некој од твоите соиграчи може да дојде и да ја намести џамијата. Играта завршува или со редење на џамијата од страна на едниот тим или со отстранување на сите играчи-деца од тој тим со удирање со топката од страна на спротивниот тим. Тимот кој победува напаѓа!

Топката на место (Нека бие, нека бие)
Потреби: Топка со средна тежина, повеќе деца (минимум тројца) и што поголемо пространство за бегање.

Правила: Топката на место е игра во која сите деца имаат тајно име кое го шепнуваат на дете кое е определено за водител или наратор. На определен простор стои топката и сите деца ја допираат со прст насобрани на куп околу неа, а водителот (нараторот) по мантрањето „топката на место, топката на место..." по сопствен избор го извикува тајното име на еден од учесниците. Сите деца се разбегуваат додека извиканиот не ја фати топката со двете раце и рече „Стој". Сите застануваат кој каде стигнал, а детето со топката треба да погоди некого, со што истиот излегува од игра. Ако не погоди никого, самиот излегува. И така се додека не остане само еден, па тој ја превзема улогата на водител.

Вртење Хулахоп
Потреби: Секако дека потребен е хулахоп кој лесно може да се најде во продавниците. Хулахопот може се врти на било каква површина. Поинтересно е кога има повеќе деца (обично се девојчиња), па се натпреваруваат која повеќе ќе издржи вртејќи го или дали и колку долго може да го врти со различни делови од телото (врат, една рака, една нога, две раце, две нозе, граден кош, карлица и слично).

Правила: Нема особени правила, освен ако играат повеќе деца, кога хулахопот треба да се предаде на следниот доколку падне. Победникот е оној што најмногу издржал и го вртел со најмногу делови од телото.

Фрлање Фризби
Потреби: Потребно е едно фризби и поголема ливада, игралиште, плажа (на одмор) или пространа улица. Обично играат две деца, но може да се игра и со повеќе оддеднаш. Идеална игра за опуштање, која не бара многу концентрација и правила.

Правила: Единствено правило е да се фати фризбито. Но има варијација на играта ако некој го испушти да го стават во средина се додека не се помачи да го фати фризбито во лет. Во средина доаѓа оној на кому му го фатиле фризбито.

Продолжува...

27 Ноември 2012

За авторот