Што да направите кога детето се соочува со училишна фобија

Голем број на родители се соочуваат со потешкотии кога доаѓа ред за одење во училиште. Нивното дете почува да вика: „не сакам во училиште!ˮ или „ме боли стомакотˮ, „ме боли главатаˮ, „не ме терајте да одам во училиште!ˮ.

Тоа може да се појави уште на самиот почеток, кога детето за првпат почнува да оди во училиште, а може да се појави и после извесно време поминато во училиште.

Тогаш родителите најчесто не знаат што да направат. Секако, првата реакција е да се утеши детето, да се однесе на лекар, да се провери дали болките имаат органска основа. Откако истата слика се повторува повеќе пати, родителите стануваат лути, па пробуваат со молби, со награди и казни и слично. Се чини како ништо од тоа да не помага.

Не постои едно магично решение кое се покажало успешно кај сите деца. Еве неколку совети кои самите родители можат да ги применат и да видат што најдобро успева кај нивното дете.

  • 1. Не трудете се да го разубедите детето кога е во состојба на анксиозност. Во тој момент детето не е во состојба да ве слушне, разбере и да размислува јасно. Дури откако анксиозноста ќе се намали, тогаш поразговарајте со детето.
     
  • 2. Имајте на ум дека одредена доза на анксиозност понекогаш е корисна. Во помала мера, анксиозноста има заштитна функција. Секако дека во моментот кога анксиозноста почува да го кочи оптималното функционирање не е за занемарување.
     
  • 3. Помогнете му на детето да го персонифицира стравот. Со ваша помош нека нацрта како изгледа дете кое се плаши, како изгледа училиштето и што се случува таму. Играјте со кукла која истотака се плаши од училиште а вие ќе и́ помогнете да го надмине стравот.
     
  • 4. Разговарајте со детето во насока: „Што ако задоцни за во училиште, што ќе се случи?ˮ, „Што ако не оди на училиште воопшто?ˮ, „Што ќе биде ако другите деца не другаруваат со него?ˮ. Така ќе му помогнете да ги освести своите стравови и да разговара за нив.
     
  • 5. Потрудете се да не избегнувате ситуации од кои детето станува анксиозно. На анксиозноста и́ се пристапува чекор по чекор. На пример, за викенд посетете го училишниот двор, повикајте другарче зедно да пишуваат домашна задача и слично.

Доколку уште во најраната возраст не се открие потеклото на фобијата, која го попречува детето во секојдневното функционирање, таа перзистира и добива нови облици. Училишната фобија која се појавува во рана возраст понатаму може да добие нов облик во адолесцентната возраст или подоцна. Под нов облик се мисли на агорафобија, страв да се биде на места каде има многу луѓе, страв да се користи јавен транспорт, неможност да се вози автомобил и слично.

Стравот од одење во училиште иако навидум изгледа наивно, најчесто е сигнал дека нешто се случува во детскиот свет и не е за занемарување. Во пракса, доколку училишната фобија трае подолго време и не намалува на интензитет, се практикува работа со детето индивидуално, но и со семејството.