Помош, моето дете има вошки?!

Ако имате по дома школарчиња, убаво би било да се подготвите за судар со овие минипаразити…

 

Вошките се ситни паразитски инсекти кои живеаат во косата, брадата, веѓите и најчесто се сместуваат во тилниот предел од главата. Се хранат со крвта на организмот-домаќин, а предизвикуваат непријатни сензации и чешање. Вошки може да добие секој.

Секако, најчеста мета се школските деца, па ако имате по дома некое првооделенче убаво би било да се подготвите за судар со овие минипаразити. Децата се подложни бидејќи често доаѓаат во дирекрен контакт меѓусебе додека си играат, се гушкаат, менуваат капи и слично. Поподложни се девојчињата кои почесто имаат долги коси, наместо момчињата кои почесто имаат кратка коса.

Вошките оддаваат впечаток на неодржување хигиена, а понекогаш чувство дури и дека сте лоши родители, а ниту едно од овие не е во игра. Напротив, вошки може да добие секој, тргнувајќи од најмалите, па до возрасните, а факт е дека преферираат чисти и здрави скалп и коса.

МОЕТО ДЕТЕ ИМА ВОШКИ?! Најефикасен метод за отстранување на вошките е со помош на специјален чешел со долги и густо подредени запци. Овие чешли се специјално дизајнирани да не ја кинат косата и секако овозможуваат да ги избегнете сите оние антипаразитарни хемикалии во шампоните против вошки. Чешлите често се препорачуваат и како превентивен метод, но и како дијагностички метод во раните фази од заразата.

КАКО ДА ГО КОРИСТИМЕ ЧЕШЕЛОТ? По нормално капење, додека косата е мокра, употребете поголема количина на кондиционер и отплеткајте ја косата на детето со помош на крупен чешел, а потоа прамен по прамен чешлајте со специјалниот чешел во повеќе правци. Доколку помеѓу запците наидете на вошки или нивните јајца потопете го чешелот во вода со сапун или раздвојте ги запците за вошките да паднат. Избришете го чешелот и преминете на следниот прамен.

КОЛКУ ЧЕСТО ДА ЧЕШЛАМЕ? Генерално се препорачува чешлањето да се применува на три до четири дена доколку детето има вошки. Дополнително се препорачува и смена на постела, перење на облеката и вакумирање на ќилимите и мебелот со правосмукалка. Исто така може да го користите чешелот после преспивање кај другарче или еднаш месечно во превентивни цели.

Вошките се честа појава меѓу најмладата генерација и се проблем кој лесно се решава, но бара упорност и истрајност.