Одбрамбено, со Академијата за Самоодбрана

Конечно и децата ќе можат да научат како да се одбранат од насилни ситуации со помош на Академијата за Самоодбрана. Тимот на K4T.MK посети еден тренинг по „Самоодбрана и фитнес за деца” со Милена, Стефанија и Анастасија и инструкторот Емил Јотов, а вие можете да го погледнете видеото…

Во прилог ви презентираме и интервју со инструкторот по самоодбрана Емил Јотов…

К4Т – Од кога постои клубот и од каде ви е идејата да го формирате?

ЕМИЛ – Одамна имавме идеја за центар каде што на едно место ќе можат да се добијат информации за подобрување на здравјето, тренинзи за оформување на телото, зголемување на силата и еластичноста како и техники за ефективна самоодбрана во реални услови. Од март годинава, успеавме да ја формираме Академијата за Самоодбрана и на едно место да понудиме редовни тренинзи и семинари по самоодбрана и фитнес за возрасни, жени и деца.

K4T – Од каде интересот за самоодбрана и боречки вештини?

ЕМИЛ – Уочивме и самите од лично искуство дека посебно кај децата, често има агресија која се изразува со малтретирање на помирните и послабите деца. Посебно девојчињата и жените се загрозена категорија затоа што се и физички послаби.

Татко ми се соочил со физичко малтретирање како дете и успешно го совладал со тренинг по бокс, јас го имав истиот проблем во основно училиште што исто така го разрешив со соодветен тренинг што со текот на годините двајцата го усовршувавме.

К4Т – Кои вештини ги подучувате, дали е тоа збир од повеќе или од една вештина?

ЕМИЛ – Често поставувано прашање кај сите кои почнуваат да тренираат некоја вештина е колку тоа ќе им користи за самоодбрана. Соочувајќи се со истото прашање и користејќи ги нашите лични искуства постепено конципиравме систем што има за цел успешна самоодбрана во реални услови. На пример, ги исфрливме тупаниците и наместо нив користиме дланки и прсти што е посебно важно за жените и децата кои природно имаат поситна градба и коски.

Освен SDFX програмата за фитнес и слабеење којашто е ориенирана на зацврстување и затегнување на телото, сите други програми имаат за цел успешна самоодбрана дополнета со вежби за сила, еластичност и совети за правилна и здрава исхрана.

К4Т – Видеото ја прикажува програмата „Самоодбрана и фитнес за деца“, што добиваат децата со тренингот?

ЕМИЛ – Пред сѐ здравје, сила, самодоверба, дисциплина, развој на психичките и физичките потенцијали. Користиме и медитација, вежби за памтење и концентрација, вежби за одење и трчање на лизгав терен, децата добиваат една комплетна физичка и психичка обука за неутрализирање на физички или вербален напад со што многукратно им се зголемува самодовербата.

Дополнително учат како да се однесуваат и соодветно да постапат со непознати, да проценат на кого смеат, а на кого не смеат да му веруваат, да не бидат наивни и беспомошни, како и да се спротистават на секаков непристоен предлог од врсник или повозрасна личност.

К4Т – Кои предуслови се потребни за да се започне со тренинг во некоја од програмите?

ЕМИЛ – Пред сѐ желба, претходна физичка подготовка не е неопходна.

К4Т – На што треба да се обрне внимание?

ЕМИЛ – Покрај тренинзите во клубот, да се тренираат редовно и вежбите што ги задаваме за дома. Да не се брза и да се ужива во тренингот. Резултатите секако ќе дојдат, без разлика на која возраст сме започнале со вежбање.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија