AХ ТИЕ ТЕСТОВИИИ!

Наслов

Подгответе го вашето дете за училишните тестови

Училишните денови си течат со полна пареа, а тоа подразбира дека и тестовите почнуваат да зачестуваат. Еве неколку совети како безболно и без стрес вашето дете и вие покрај него да поминете низ интензивната фаза на тестови.

1. Зборувајте со вашето дете, прашувајте што се случува по секој предмет, интересирајте се дали е најавено некое повторување или пак тест. Тоа не значи дека треба да седнете и да учите со него, туку едноставно разлистајте го од време на време учебникот заедно и оценете самите на што треба да обрне внимание, да посвети повеќе време или пак помогнете доколку нешто му е нејасно.

2. Имајте календар со датумите на закажани тестови, да речеме на фрижидерот. На тој начин ќе бидете во тек со тоа што се случува и ќе можете да го истемпирате времето за подготовка.

3. Обидете се вашето дете да го научите или да му посочите стратегии за решавање на тестовите. Тестирањето не е во природата на нештата, туку тоа се учи.

На пример:
- Секогаш внимателно прочитај ги инструкциите (што се бара, што треба да направиш). Звучи едноставно но многу деца брзаат да го решат проблемот или да одговорат на прашањето. Може одлично го владеат материјалот, но ако не обрнат внимание на тоа што се бара тогаш лесно се прават грешки.

- Доколку тестот е во форма на multiple choice (понудени повеќе одговори), тогаш нека се обиде по пат на елиминација да дојде до точниот одговор.

- Одбери го најдобриот одговор. Понекогаш ниеден или пак сите одговори се чинат точни/неточни. Укажете му на вашето дете дека е потребно критички да размислува и да одебере одговор кој се чини"најточен". Подобро да одбере нешто одколку ништо.

4. Охрабрете го вашето дете, тоа и онака е веќе под притисок. Доколку учи и посветува внимание тогаш е најважно да се потруди и да го направи тестот најдобро што може.

5. Легнувањето порано е исто така важен фактор.

6. Појадокот треба да биде здрав и избалансиран. Внесот на големо количество шеќер може да предизвика уште повеќе глад, дури и поспаност бидејќи штом се потрошат шеќерите, тогаш се пореметува функционирањето на организмот.

7. На крајот од денот прашајте го како минал тестот. Не вознемирувајте се ако нешто заборавило/погрешило. Не може повеќе ништо да се стори конкретно за тој тест, но затоа ќе има друга прилика.

11 Ноември 2013

За авторот