Наслов

Најлошата исхрана за деца

Проблемот со прекумерна тежина кај децата е глобален и многу очигледен, бидејќи сè поретко гледаме жилави дечиња за разлика од порано, а главната причина е лошата, прекумерна и нередовна исхрана за сметка на намалената физичка активност.

Со цел да дознаат која е вистинската причина што доведува до овој растечки тренд научниците од Националниот Универзитет Дјук во Сингапур направија студија што ги опфаќа сите типови на храна што се поврзува со дебелите деца. 

Со помош на лонгитудиналното истражување за деца и родители „Авон”, зачувана е исхраната и индексот на телесна маса на околу 4,500 деца во Англија во 1990-тите години. Научниците следеле што јадат децата и ги споредувале нивните тела во период од три години. Она што го откриле е убедлив доказ дека одредени видови на храна може да претставуваат фактор за дебелеење.

Децата што секојдневно јаделе чипс, најмногу се дебелееле. Научниците констатираа дека „чипсот е најголемиот причинител за дебелина кај децата во споредба со останатите производи за кои што се знае дека дебелеат”. Чипсот од компир содржи висока енергетска вредност, а има мала хранлива вредност, но сеуште често се консумира како ужина. 

Пржените компирчиња, пржено пилешко месо и риба, процесирани меса и мрсни намази исто така добиле лоши оцени. Тука уште спаѓа шеќерот што се додава во сите десерти, слаткиши и засладени пијалоци. Потоа, рафинираното брашно кое што се наоѓа скоро во секоја процесирана храна. 

Секоја храна пржена во масло, на било каков начин, се поврзува со зголемување на тежината. 

Зошто ова се случува не е комплетно разјаснето, но се претпоставува дека има врска со додадените масти. Научниците долго време истражуваат зошто одредена храна повеќе дебелее. Во студија од 1996 година се дошло до заклучот дека масната храна не заситува како храната полна со протеини и јагленохидрати. Резултатот е повеќе енергија, но помалку ситост. А калориската вредност е далеку повисока кај масните продукти. 

На овие податоци се додава дека зашеќерените газирани пијалоци се всушност најлошата опција, бидејќи ситоста тешко се постигнува, а калориската вредност е огромна.

Во листата на најпожелни производи наведено е пилешкото месо подготвено на здрав начин (без пржење, презла и слично), полнозрнести житарици и храна богата со растителни влакна. 

Покрај многубројните докази дека изборот на храна влијае на човековото здравје и честите препораки за исхрана од медицински лица и нутриционисти, сепак за многу луѓе е тешко да се откажат од процесирана, пржена храна и зашеќерени пијалоци. Вкусот на храната има голем удел, но и културните навики на народот.

На пример во Англија омилена храна е пржена риба и компири, но тоа не значи дека на децата тоа треба да им биде секојдневен оброк. Повремени испади со ваков вид на храна е дозволено, но тоа треба да биде далеку од секојдневие за целата фамилија. 

Промената треба да се инкорпорира и во училиштата каде што на децата ќе им се понуди похранлив избор на храна наместо чипсови, слаткиши и зашеќерени пијалоци. Но моментално глобалниот тренд е обратен.

Затоа е важно да се напомене дека полничко дете најчесто во иднина значи и возрасен човек со прекумерна тежина, бидејќи направената штета тешко се поправа.

11 Јануари 2016

За авторот