Маратонскиот минимум

Забраната за влез на малолетни лица не важи само за дискотеките туку и за мноштво маратони низ светот. Ретки се оние трки кои не поставуваат старосни граници. Кај повеќето границата е 18 години, а кај други 16 или 14 години минумум потребни за учество. Тогаш се поставува прашањето, која возраст е најсоодветна за да се почне со маратонските трки?

Ова е многу добро и често поставувано прашање без јасен одговор, а тоа го покажуваат и различните старосни граници на трките. 

”Не секој поседува исти способности, така што некои луѓе можат да направат скоро сè, но дали тука спаѓате и вие?”, вели Стивен Прибут, доктор од Вашингтон со пасија за трчање. 

Него му се познати повеќето причини зошто малолетните деца не треба да трчаат маратони како на пример:
– Потенцијалот за повреди од преголемото напрегање, бидејќи се работи за тело кое сеуште не завршило со својот раст и развој;
– Психолошкиот стрес поврзан со таквите напорни дистанци.
– Кај девојчињата, има ризик од појава на пореметувања во исхраната или недостаток на калории.
– Стресот од прегревање и ефектот кој го има кај младите во споредба со возрасните лица. 

Ризиците ја потикнаа дискусијата во рамките на Здружението на маратонски медицински директори, така што во 2001 година излезе извештај во кој е наведено дека маратонот треба да биде активност наменета за лица со навршени 18 години или постари. 

Исклучоци се прават во одредени специјални случаи кога се работи за малолетно лице со правилна биомеханика и анатомија, со квалитетна прогресивна тренинг програма, соодветна зрелост и когнитивно ниво што може да има придобивки од раниот старт со трчање на долги стази. 

Прибут препорачува старосната граница да биде 18 години, иако може да има исклучоци кои ќе трчаат со 16 години под услов тоа да не постане тренд. 

Исто така, се отвора и прашањето за социјалниот аспект на маратонот и тренирањето за него. Се зборува за осаменоста на луѓето кои трчаат долги дистанци, за разлика од тимовите во ”Cross country” каде социјализацијата е многу поголема. 

Додека оваа тема не се споменува често во јавноста, но сепак се случува кога тоа е дозволено. На маратонот ”Marine Corps” во 2012 година на пример, се натпреваруваа осум деца на 14 години, а уште повеќе на 15 и 16 годишна возраст, бидејќи на овој маратон старосната граница е 14 години. 

На маратонот во Хјустон во 2012 година трчаа 12, 13, и две 14 годишни деца кои воедно и ја завршија трката. Но, организаторите беа приморани да ја дисквалификуваат Кејтлин Велч со постигнато време 3:45, поради тоа што имала 11 години. 

Дисквалификацијата се случи без разлика што Кејтлин и нејзината сестра Хедер имаат постигнато забележителни успеси на други трки, а Кејтлин дури доби и награда за почесен женски учесник во 2012 година на XTerra 21K Trail Run во Вако, Тексас. Девојчињата се чини дека спаѓаат во исклучоците, а не во нормата која е наведена во извештајот на Здружението на маратонски медицински директори (IMMDA). 

Според Прибут и другите експерти од оваа област, крајната препорака гласи дека и покрај тоа што тинејџерите можат да учествуваат на некои маратони, подобро е да започнат со долгите стази малку подоцна.

”За да не се спречуваат активностите на децата, кои навистина имаат потреба да ја канализираат вишокот на енергија, може да се избере cross country наместо маратон. Целта е да се трча во текот на целиот живот. Па зошто тогаш да не се причека барем до 18 години.” изјави Прибут.