Наслов

Мали чекори, голема радост

Малиот чекор на бебето е голема радост за родителите. Тоа чекорче ја премостува фазата кога вашето големо бебе станува мало човече. Имагинацијата се буди и веќе замислува како ќе спортувате и трчате заедно. Но што е со обувките?

Препораките на ортопедите и педијатрите во врска со "соодветните" обувки за бебиња и деца времено минуваа низ различни фази. 

Во минатото, но не и толку одамна, ортопедските, високи обувки со нефлексибилен и подебел ѓон се сметаа дека допринесуваат за правилен развој кај нежното неоформено бебешко стапало. Но грешката во овој пристап се докажа преку зголемениот број деформитети на стапала и на нозе кај децата, а особено проблемот со рамно стапало. Бидејќи во основа, обувките се наменети за заштита при повреди и екстремни временски услови, а не за правилен развој на долните екстремитети. 

На стручњаците како да им требаше повеќе време за да признаат дека босата нога е најидеална "обувка" за бебиња кои проодуваат. Тоа е и најлогичната препорака со оглед на тоа која е нашата вистинска природа, односно дека се раѓаме голи и боси и си одиме исто така. Затоа, моментално насекаде се промовираат обувките со кожна подлога наместо ѓон или тенкиот и флексибилен ѓон за надворешни услови.

Доколку мислевте дека ќе поминете со обувките од првото дете или внуче од пред 5-6 години, бидејќи се "три пати" облечени, тогаш помислете подобро за понатамошното здравје на вашето дете. Босоногите чекори се најважни за понатамошниот развојот на стапалата и нозете кај децата.

Со таа цел, на бебињата од 6-10 месеци воопшто не им требаат обувки. Најдобро е да се остават боси додека сеуште учат да застанат или да одат. Но доколку сметате дека на бебето може да му биде ладно, доволни се само удобни чорапи со гумички одоздола или топлинки со кожна подлога заради тоа што стапалото треба да добие слобода во движењето. Овој природен пристап се препорачува од ортопедите, за детето подобро да го почувствува подот, да му зајакнат мускулите на стапалото и правилно да се оформи плантарниот свод. Притоа тоа ќе се здобие со подобар баланс, координација и поголема сигурност.

Кога вашето малечко ќе почне сигурно да гази и ќе посака да прошета надвор, тогаш време е да му купите вистински обувки. Секако, внимавајте при избор на моделот, затоа што од тоа зависи дали вашето дете во иднина ќе има здрав и активен живот.

 

Тогаш кои се најсоодветните обувки?

• Ортопедските обувки (со високо перниче во внатрешниот дел), веќе општо се прифаќа дека не му се потребни на вашето дете, доколку нема деформитети.

• Обувките треба да бидат изработени од природни материјали, при што најдобро е тоа да биде мека кожа или ткаенина. Немојте да купувате обувки изработени од синтетика кои ја потат ногата и може да доведат до алергиски реакции покрај другите проблеми. На пазарот постојат органски обувки за бебиња изработени од природни материјали и бои кои покрај удобноста, нудат и безбедност доколку вашето бебенце успее да ги докачи и изгрицка. 

• Обувките за надвор треба имаат гумиран и флексибилен ѓон за да му се овозможи на детето заштита, стабилност и удобност при одењето. Обувката треба да обезбеди стабилност во делот на глуждот а воедно и совитливост за да не се ограничуваат движењата.

• Многу е важно обувката да биде доволно еластична за да може стапалото правилно да се движи. Доколку ѓонот го свиткаме без никаков напор, тогаш обувките може да се стават на потенцијалната листа.

• Можете да се одлучите за обувки со врвки или со лепенки, иако попрактични се лепенките, бидејќи полесно се облекуваат и нема опасност од препнување доколку се одлепат.

• Понесете го и детето кога купувате обувки, така најпрецизно ќе можете да ја изберете нивната големина. Познато ни е дека детското стапало брзо расте, а купувањето поголеми обувки превреме воопшто не се препорачува.

15 Октомври 2012

За авторот