Креативноста е важна – зошто?

Значењето на “креативност” честопати го поврзуваме со уметност. Но тој има многу поширока палета на значења. Дивергентното размислување (размислување во повеќе насоки) е всушност креативно размислување. Тоа е клучот за решавање “проблеми” и e р’бетот на креативноста.

 

Две четиригодишни момчиња за време на слободна игра во една градинка градат замок од разнобојни дрвени коцки и други геометриски фигури, но како што додаваат повеќе фигури нивната структура почнува да се приклатува и на крајот се руши. Ќе речете “Па што, малецките постојано нешто градат од коцки и на крај уживаат да го срушат”, но почекајте до следниов момент.

Истите момчиња повторно се обидуваат, но овој пат ги поставуваат најшироките и најгломазните коцки на дното со што креираат стабилна база за нивната кула/замок и продолжуваат понатаму. Зарем ова не е креативно/дивергентно размислување?

Значи низ нивното главче поминале неколку флешеви на знаење: познавањето на геометриски фигури, па тоа подоцна генерира во идеи како би можеле најдобро да се искористат фигурите.

Секое дете има креативен потенцијал, но должност е на наставниците и родителите истиот да се разбуди, негува и потикнува, вели Проф. Д-р Марк Рунко, директор на Georgia’s Torrance Center for Creativity & Talent Development.

Torrance Tests of Creative Thinking се познати тестови кои се многу поверодостојни од оние IQ тестови на кои се изложени децата во нивното рано детство. Овие тестови содржат прашања од отворен тип: “За што се можеш да употребиш четка за заби?” Резултатите се вреднуваат врз основа на бројот и оригиналноста на идеите.

Денешните 3-4 годишни деца се изложени на рапиден развој на технологија, предизвици кои ги наметнува животната средина и за сите тие сценарија на децата ќе им е потребна огромна доза, односно способност за креативно размислување.
Во рамките на училишните програми децата се постојано во некоја трка да се спремаат за тестови, а се помалку време се посветува на нивното креативно изразување, односно нивни начини да дојдат до солуции.

 

Што околу тоа?
• Тестовите секогаш ќе бидат таму, нема бегање. Но е мошне важно наставникот да прави рамнотежа помеѓу наметнатите едукативни програми и екстра активности кои барем делумно ќе ги задоволат потребите на групата. Сепак во рамките на еден клас секое дете е посебно и треба да се почитува како такво. Наставникот треба да го носи “тоа” во себе и да се обиде да допре до креативноста на секоја индивидуа.

Нема секогаш да е лесно и не секогаш секое малецко ќе биде задоволено, но вреди да се обидува. Добрите наставници и воспитувачи се и самите креативни. Многу побогата е онаа училна каде што креативноста доаѓа од наставникот и децата, а не by the book.

Наместо децата постојано да повторуваат букви и броеви по листовите со испрекинати линии, дајте им да ги впишуваат истите во песок, или во пена за бричење која ќе ја нашлакате по масите (а лесно се чисти). И да се извалка, па што.

• Повеќе слободна игра, помалку пред било каква форма на екран.
Слободната игра ја стимулира креативната мисла. Доколку на пример детето сака да игра пирати и што би рекле ние “влегува во фил” придружете му се. Ако е капетан на бродот и извикува преправајте се дека сте дел од неговиот екипаж. На тој начин малото ем ќе научи нешто за тоа кои биле пиратите, што правеле во минатото, ем ќе ужива во тој свет кој самото тоа ќе го искреира во своето главче.

Значи не го лишувајте вашето дете од телевизија или играње на компјутер. Поентата е кога лимитираното време за таа активност ќе истече, самото тоа потоа да смисли што ќе прави.

И за крај: Ако сте само сунѓер, тогаш може да впиете многу факти, но тоа не значи дека ќе бидете способни да ги искомбинирате и искористите.