Јога за деца

Наслов

Кога децата ќе се сретнат со јогата

Децата нѝ живеат во еден свет на брзање, под притисок во училиште со разни обврски, обземени со компјутери и видео игри, со малку физичка активност. 

Вообичаено не размислуваме дека овие околности може да се стресни за нив, но пред наши очи денешното забрзано темпо развојот на децата го води во друг правец, не оставајќи многу слободен простор за изразување на нивната „детска" природа и потреби.

Кога децата ќе се сретнат со јогата, добиваат простор и поддршка за нивниот природен развој, што е помош во нивното формирање во здрави личности. Јогата како дисциплина може да се прилагоди за сите возрасти. За секоја возраст да се практикува она што е потребно.. Во нашиот Центар за јога претендираме децата да почнуваат со вежбање барем на 6 годишна возраст, но ни доаѓале дечиња и на 4-5 години. Повремено на часовите за деца, по желба се вклучуваат и родителите, и таква можност има во моменталната група.

Со физичките вежби (асаните), на децата им се зголемува еластичноста и флексибилноста, им се подобрува држењето на телото со што стануваат и поиздржливи и поотпорни. Преку вежбите за рамнотежата, им се подобрува стабилноста и сигурноста во себе. Всушност уште од рана возраст учат вежби кои им носат позитивни ефекти, кои ги паметат па можат да ги применуваат и во подоцнежите години. Вежбите за релаксација особено ги обожаваат при што самите си се местат во нивната омилена положба.

Децата имаат потреба да го искусат светот сами. Атмосферата на часовите е природна, ако сакаат да кажат нешто, слободно го кажуваат и наидуваат на прифаќање и љубов со што се чувствуваат комотно да се изразат. Со тоа се култивира почит кон другите и светот, но и самопочитта.

Честопати разговараме и за активности во училиштето и како да применуваат некои техники пред тестирање. Часовите се секој петок од 18ч., во Капиштец, на самиот крај од неделата, при што ако се многу заморени од цела недела, имаме почести релаксации низ часот.

  • „Ако родителот го поттикнува своето дете да вежба јога и уште подобро, да вежба заедно со него, му поставува добри основи да се развие во отворена, способна и позитивна личност, а од друга страна, ако родителот е доволно отворен кон своето дете, и тој може да научи од него работи што одамна ги има заборавено.” - вели Весна Алексовска, претседател на Центарот за јога и личен развој, и креатор на програмата за деца при центарот.

- Вања Ичкова, асистент при Центар за јога и личен развој

24 Септември 2015

За авторот