Како да одгледате емоционално интелигентно дете

Зошто е важно детето да поседува висок степен на емоцонална интелигенција? Емоционалната интелигенција помага за здрав и оптимален развој.

Детето кое поседува висок степен на емоционална интелигенција има вештина да ги контролира своите емоции, како и да ги разбира емоционалните состојби на другите луѓе. На тој начин, детето има подобри шанси за успех понатаму во животот, во работната средина, во градењето пријателства, емоционални врски и семејство.

Кога децата умеат да ги препознаат своите емоции, тие полесно можат да ги изразат своите желби и потреби. Ова е добра вест за родителите, бидејќи тоа значи помалку испади на бес, помалку инаетење и полесно пребродување на тантрумите.

Што значи вискоко ниво на емоционална интелигенција?

Детето кое поседува високо ниво на емоционална интелигенција има способност да ги идентификува и да ги искажува сопствените чувства. Пример: тажен/а сум, среќен/а сум, лут/а сум на…

Има способност истите чувства да ги поврзе со одредено однесување. Пример: кога сум тажен/а плачам, кога сум среќен/а се смеам, кога сум лут/а сакам да скршам нешто и слично.

Детето кое ги стекнало овие вештини понатаму може да ја развие вештината на пренасочување на чувствата. Тоа во конкретен пример би изгледало вака: „кога сум лут/а ми доаѓа да удрам некого, меѓутоа знам дека удирањето не е добро, затоа ќе шутнам со ногата во воздух и ќе кажам дека сум лут/а.„ Друг пример: „Се лутам кога ме терате да споделувам играчки со другарчињата. Во друга прилика ќе кажам дека не сум спремен/а да ја споделам играчката и ќе им понудам нешто друго.„

Како да му помогнете на детето да ја развива емоционалната интелигенција

Понудете му на детето можност да ги изрази своите автентични доживувања на едноставен начин. Таа техника се вика „Научи да именуваш„ и подразбира правилно именување на секое чувство. Со тоа што детето ќе знае да каже дека е луто има помала можност да има испад на бес кој се јавува поради тоа што детето незнае како да каже дека чувствува лутина. На тој начин децата полесно ќе можат да ги препознаат емоциите кај другите луѓе и да ги именуваат.

Помогнете им на децата да научат да решаваат проблеми самите. Дајте им на децата можност да ги искусат и непријатните емоции без претерано да ги заштитувате. На тој начин кај децата се зголемува самодовербата и учат повеќе вештини.

Понудете им на децата да учествуваат во различни социјални ситуации. Ограничете го времето поминато пред компјутер, таблет или телевизор. Емоционалната интелигенција се гради преку контакти со врсници и други деца.

Читајте им на децата книги во кои има палета на доживувања прикажани соодветно за детската возраст. Играјте „не лути се човеку„ и секогаш кога ќе забележите дека детето се лути посочете му го тоа и најдете начин да го пренасочите.

За крај, не заборавајте дека вие сте моделот според кој вашето дете учи. Бидете искрени и доследни во изразувањето емоции. Зборувајте отворено пред децата на јазик кој е соодветен на нивната возраст. Детето треба да ги знае вашите маани и доблести. Потрудете се детето да го запознае хуморот и да научи да се шегува на начин кој е симпатичен за околината.