Наслов

Како да ја разбудите и негувате креативноста на вашето дете?

Секој родител посакува неговото дете да го достигне својот максимален креативен и интелектуален потенцијал. Креативноста им носи многу бенефиции на децата подоцна во животот. Факт е дека креативните лица се пофлексибилни, полесно ги совладуваат пречките и гледаат можности таму каде што другите гледаат проблеми.

Креативноста не е наследна карактеристика и не е талент кој само некои деца го поседуваат. Секое дете може да биде креативно доколку родителите вложуваат труд и создаваат услови за тоа да ја користи својата имагинација.
Преку следниве совети ќе му помогнете на вашето дете да ја развие својата креативност:

1. Забавувајте се со игра „боја на денот". Изберете боја на денот, на пример црвена. Сè што ќе правите тој ден, препорачливо е да ја вклучува оваа боја.

2. Максимално одглумете улога. Независно oд улогата, адаптирајте го и гласот на својата улога и искористете реквизити кои ви се при рака. На овој начин ќе го поттикнете и вашето дете да го направи истото. Децата од претшколска возраст кои минуваат повеќе време глумејќи различни улоги се покреативни.

3. На детските прашања одговарајте со прашања. Децата по природа се љубопитни и поставуваат илјадници прашања. Нема ништо лошо веднаш да му го дадете точниот одговор, но на ваков начин со поставување прашање на прашање ќе го охрабрите да даде свое видување за непознатиот збор.

4. Поттикнете го да ги користи петте сетила. Заврзете му ги очите на вашето дете и побарајте преку допир да погоди каков предмет сте ставиле пред него. Или пак, поставете му предизвик да погоди каква храна сте ставиле во неговата уста додека му се врзани очите и затнат носот. Додека сте на прошетка, прашувајте го какви ароми се чувствуваат во воздухот околу вас.

5. Поставувајте му „отворени" прашања. Отворените прашања кои немаат стандарден одговор го поттикнуваат детето да размислува надвор од кутијата и да ја вежба својата креативност за да смисли соодветен одговор.

6. Кога детето ќе ви рече „Види што нацртав/направив", покажете интерес. Покажувајте интерес и со ентузијазам прашувајте го за инспирацијата и процесот на творење. Кога детето ќе почувствува дека неговата уметност е ценета, тоа со задоволство ќе продолжи да ја развива.

7. Подржете го и ако направи грешка. Грешките се составен дел од процесот на учење, но многу деца се плашат од нив, бидејќи често се проследени со исмејување. А стравот е голем непријател на креативноста. Децата кои се плашат од грешки, не размислуваат креативно. Не дозволувајте вашето дете да се разочарува. Кога ќе погреши нешто, дајте му можност да си ја поправи грешката или помогнете му да извлече поука. Истражувањата покажуваат дека повеќе учиме кога грешиме отколку кога нашите напори завршуваат со успех.

8. Зголемете му ја самодовербата и самопочита. Самоуверените деца полесно се изразуваат. Кога детето се почитува себеси, се гордее со своите размислувања и не ги крие во себе.

9. Посетувајте театарски претстави, галерии, фестивали... Културните настани ги мотивираат децата да ги истражуваат своите таленти и да ги развиваат своите способности.

10. Ограничете го времето поминато пред ТВ или компјутер. Во денешно време невозможно е целосно да го држите детето подалеку од екраните. Но, ваша задача е да го ограничите времето поминато на компјутер или пред телевизор. Предлагајте им на децата други активности со кои ќе си го пополнуваат слободното време – разгледување сликовници, читање, боење, создавање фигури од пластелин, виткање оригами и слично.

11. Дозволете му само да донесува одлуки. Поттикнете го детето самото да ја избере облеката, самото да одлучи што ќе јаде за вечера или кои предмети ќе ги вклучи во својата игра. Ако е поголемо, можете да му дозволите самото да ја декорира својата соба, или барем дел од неа.

12. Мотивирајте го да измислува приказни. Побарајте од вашето дете да измислува приказни или да довршува бајки кои вие ќе ги започнете. Така ќе си ја развива креативноста на забавен начин, а резултатот честопати ќе биде хумористичен и ќе ви измамува насмевки.
Поттикнувајте ја љубопитноста на вашите деца, зголемувајте ја нивната самодоверба, покажувајте ентузијазам и охрабрувајте ги да ја изразуваат креативноста.

Бреинобреин Европа
www.brainobrain.com.mk

04 Јули 2017

За авторот