Нашиот најуспешен млад шахист

Ексклузивно интервју со Тони Лазов

Шах-мат, им кажа Тони на многу негови врсници, но и на повозрасните кои го предизвикаа на досегашните натпреварувања. Идниот македонски Каспаров, член на ШК Алкалоид од Скопје, одвои дел од своето време за да си помуабети со тимот на karas4training.com. 

К4Т – Се сеќаваш ли на почетоците? На твоите први партии шах?
ТЛ – Шах научив да играм на шест години. На почетокот играв со дедо ми, потоа со татко ми. Првите турнирски партии ги одиграв на шест и пол години, на пионерското првенство на Неготино.
Првиот голем успех го постигнав на седум години кога го освоив првото место до осум години на пионерското првенство на град Скопје.

К4Т – Кој те воведе во шахот?
ТЛ – Основата на шаховската игра ми ја даде мојата стрина Емилиа Ларачеа која и самата има постигнато големи успеси во светски рамки како млада шахистка. Таа ме воведе во тајните на шахот, ме научи да играм според правилата, тренираше со мене и ме подготвуваше за натпреварувања.

К4Т – Веднаш ли те привлече или откога подобро навлезе во играта?
ТЛ – Шахот како игра ме привлече уште во првиот момент, кога видов како стрина ми ја учи сестра ми да игра. Веднаш посакав да научам и јас.

К4Т – На колку натпреварувања си учествувал?
ТЛ – Имам учествувано на многу натпреварувања, сигурно повеќе од 50. Имам и десетина поголеми меѓународни турнири, меѓу кои и учества на Европски и Светски првенства. Веќе не ги бројам натпреварувањата, туку само поголемите успеси.

К4Т – Кои се твоите најголеми достигнувања досега?
ТЛ – Од меѓународните натпревари би ги издвоил следниве: Прво место на Првенството на Југоисточна Европа за млади до 10 годени во Р. Србија; Шесто место на Европското првенство во забрзан шах до 12 години и осмо место во брзопотезен шах до 14 години во БиХ; Солидно е и 43-тото место од 192 учесници на Светското првенство до 12 години во Р. Словенија.
На домашната сцена веќе 5 години по ред сум државен првак во своите категории. Сепак, најголемиот успех досега го постигнав пред 4 месеци кога на Отвореното меѓународно првенство на Македонија (за возрасни) го освоив четвртото место.

К4Т – Како се подготвуваш пред натпревар?
ТЛ – За големите натпреварувања подготовките почнуваат неколку недели порано, а пред самите партии, кога има доволно време, повторувам одредени варијанти.

К4Т – Колку партии во просек играш дневно?
ТЛ – Кога некој сериозно се бави со шах не игра секој ден. Постојат периоди на учење – кога учам нови отварања и сл; периоди на вежбање – кога решавам комбинации или гледам партии од познати шахисти; и постојат периоди на рекреативно играње кога знам да одиграм и 20 – 30 брзопотезни партии на интернет. Сепак, вистинските шаховски партии кои ги играм на сериозните турнири траат доста долго. Во просек една таква партија трае 4 – 5 часа.

К4Т – Имаш ли редовен партнер за игра или вежбаш на компјутер?
ТЛ – Обично играм шах на интернет, а компјутерот го користам за анализи и учење. Но најголема помош добивам од мојот тренер – шаховскиот велемајстор Трајко Недев, со кого редовно вежбам веќе неколку години.

К4Т – Се занимаваш ли со друг спорт/дисциплина освен со шах?
ТЛ – Да. Сакам редовно да се раздвижувам. Многу го сакам спортот, а од спортовите кои ги играм омилени ми се пинг-понг, кошарка и фудбал.

К4Т – Кое отварање во шахот најмногу ти лежи?
ТЛ – Најмногу сакам да играм Шкотско отварање и Гринфилд, но исто така ги сакам и Руското отварање и Италијанското.

К4Т – Која ти е омилена фигура?
ТЛ – Кога бев мал омилена фигура ми беше кралицата. Сега подеднакво играм со сите.

К4Т – Кој ти е омилен шахист?
ТЛ – Каспаров од поранешните, Арониан од актуелните шахисти.

К4Т – Играш ли шах со другарчињата?
ТЛ – Не. Но понекогаш со деца играм симултанки на 10 – 12 табли.

К4Т – Какви се твоите импресии од Светското првенство во Марибор?
ТЛ – Натпреварувачки не беше лесно. На светските првенства сите доаѓаат да се натпреваруваат и да победат. Сите се силни. Таму нема слаби. Успехот што го постигнав беше солиден, иако можев и многу подобро. Ова ми беше трето учество на светско првенство и прв ваков успех. На претходните две играв послабо. Овој напредок ме охрабри и верувам дека следниот пат ќе остварам уште подобар пласман.
Интересно беше тоа што се запознав и комуницирав со деца од сите страни на светот. Со некои од нив почнав да се допишувам.

К4Т – Кое ти е следното натпреварување?
ТЛ – Три дена после Светското првенство учествував на Државното првенство на Македонија во шах за основни училишта и го освоив првото место. Изминатиот викенд учествував на Отвореното првенство на Скопје и освоив награда за најдобар младинец до 18 години. Овој викенд ме очекува уште еден турнир – Рапид отворен турнир „Македонија 2012″ кој ќе се одржи во хотел Александар Палас во Скопје. Со тоа завршуваат турнирите за оваа календарска година.

К4Т – Би сакал ли професионално да продолжиш со шахот?
ТЛ – Да. Верувам дека ги имам сите квалитети за да можам да станам силен велемајстор и да играм на светски познати турнири.

 

Ти благодариме Тони и ти посакуваме уште многу успеси! 

 

Повеќе информации за тоа каков удел има шахот при развојот на младите можете да прочитате ТУКА.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија