Младиот надежен пливач

Ексклузивно интервју со Давор Петровски

Затечен помеѓу чувството дека е риба и стилот пеперутка, младиот Давор Петровски ја пробива водата како од шала. Пред него се уште многу години за докажување и успеси, а засега тимот на К4Т.МК успеа да резервира дел од неговото време за да му постави неколку прашања…

К4Т – Се сеќаваш ли на почетоците, кога почна да пливаш и кој те донесе првпат на базен?

ДАВОР П. – На базен прв пат стапнав на 5 години и тоа беше неуспешен старт, бидејки тројца тренери во малиот базен не можеа да ме сопрат да не скокам постојано. Упорноста во следните неколку години се исплатеше и официјално пливам од 7 години, без пауза.

К4Т – Кој те воведе во пливањето и зошто пливање?

ДАВОР П. – Татко ми, ама и без тоа, да не бев човек сигурно ќе бев риба! Водата ја сметам за моја втора животна средина.

К4Т – На кој клуб си член и кој ти се тренери?

ДАВОР П. – Од првиот ден сум член на Пливачкиот и Ватерполо Клуб „ОРИОН”, денес тренирам со Јане Карајованов и Филип Велковски.

К4Т – На какви и колку натпреварувања си учествувал?

ДАВОР П. – До сега имам пливано на повеќе од 40 натпревари. Настапувам на сите домашни натпревари, почнувајќи од државните првенства, па се до националните и интернационалните митинзи кои се организраат кај нас. Редовно во годината настапувам и на минимум 5-6 меѓународни пливачки митинзи во регионот, каде конкуренцијата е на ниво: Ниш, Белград, Софија и сл.

Со клубот еднаш годишно одиме и во Австрија на познатиот SPEEDO митинг во Велс, каде се плива во многу јака конкуренција и каде учествуваат преку 700 пливачи, а тоа е одлична можност за одмерување на силите и квалитетот.

К4Т – Како се подготвуваш пред натпревар, имаш ли некој ритуал за среќа?

ДАВОР П. – Покрај напорните тренинзи, внимавам да јадам здраво и да земам колку што можам дополнително енергетска храна. Имам и ритуали, на пример, се прекрстувам пред секој старт и однапред знам кој купачи за која трка ќе „лизгаат”.

К4Т – Колку пати тренираш во текот на неделата?

ДАВОР П. – Сега тренирам 7 пати неделно, 5 пати попладне и 2 пати наутро.

К4Т – Кои се твоите најголеми достигнувања досега? И имаш ли омилена победа/постигнат резултат?

ДАВОР П. – Имам освоено многу први, втори и трети места и на државните првенства и на меѓународните митинзи, но дефинитивно највозбуден бев кога минатата година на меѓународниот митинг во Ниш успеав да влезам во финалето, во апсолутната категорија во дисциплината 200м пеперутка, каде што пливав со 5 до 15 години постари пливачи од мене.

 

К4Т – Кој ти е најомилен стил во пливањето?

ДАВОР П. – ПЕПЕРУТКА, нема проблем сакаш 50ка, 100ка или 200ка!

К4Т – Кој ти е омилен пливач/ка?

ДАВОР П. – Мајкл Фелпс!

К4Т – Што е предизвикот и кои се импресиите од државните натпревари и меѓународните митинзи во странство?

ДАВОР П. – Штета е што државните првенства се сè поретки кај нас, мал број на натпреварувачи и нема предизвик- секој скок е медал. Од меѓународните, Србија е добра за да видам до каде сум со времињата и како напредува конкуренцијата. Таму има доста натпреварувачи во сите категории и секоја трка е предизвик да победиш или да земеш медал.

Би било добро да можеме да учествуваме барем 3-4 пати годишно на големи европски митинзи, каде има минимум 20 пливачи во категорија кои пливаат време за медал и секој може да победи, а дефинитивно предизвик ми е настап на некое Европско, па здравје и на Светско првенство!

К4Т – Кое ти е следното натпреварување?

ДАВОР П. – Меѓународен митинг во Бор, Србија, последен за оваа сезона на кратки 25 метарски базен.

К4Т – На базен си познат по надимакот- Друже, зошто?

ДАВОР П. – Хаха, на почетокот не знаев како треба да им се обраќам на тренерите, па најлесно ми беше со друже, друже. И ми остана ДРУЖЕ, сега сите и мене ми се обраќаат со друже.

 

К4Т – Би сакал ли професионално да продолжиш со пливањето?

ДАВОР П. – Да сигурно, само да е вода!

К4Т – Се занимаваш ли со друг спорт?

ДАВОР П. – Професионално не, не се постигнува со тренинзи и училиште, ама затоа терам маалски баскет и фудбал во секоја прилика.

К4Т – И на крај, велат тренингот по пливање е здодевен, вистина ли е или сепак има и забава и дружба со оглед дека пливањето е индивидуален спорт?

ДАВОР П. – Нормално дека има дружба, да водата е посебна средина и не е дека се „утепуваме од вицови и зафркации” ама си има драж- дружбата на базен е посебна. Сите оние на кој им е здодевно пливањето сигурно се откажале од него, а јас само ги зголемувам тренинзите се повеќе и повеќе, а наставниците упорно не го разбираат тоа… 🙂

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија