Дигитална де-еволуција

Децата и зјаењето во екрани

Истражувањата покажуваат дека децата поминуваат многу повеќе време пред екран од максималните 2 часа што се препорачани од педијатрите. 

 

Технологијата е спас, но и пропаст за сите генерации. Негативните ефекти што технолошките уреди ги предизвикуваат на нашите тела се многубројни, а дел од од нив се карпал тунел синдромот, искривена постура, укочен врат и проблеми со видот.

Децата се особено ранливи на овие трендови, а ако го изоставиме психичкиот момент, повторно штетата е голема бидејќи кај нив се формираат лоши навики од рани години.

Истражувањата што ги спроведуваат научниците на оваа тема содржат зборови како неизбежно, зголемена употреба и преплавени со технологија. Докторите исто така даваат многу повеќе слобода во своите совети на што педијатрите остро реагираат, бидејќи тие одблиску го гледаат негативниот ефект од долгорочното гледање во екран.

Како дел од студијата објавена во списанието „BMC Public Health” се земени повеќе од 2000 деца во Австралија на возраст помеѓу 8 и 16 години. Ова е прв пат научниците да го земат во обзир гледањето во било каков екран, а не само телевизија или само компјутери. Овој пат е важно целокупното време поминато пред екраните. За таа цел на децата им биле дадени тестови на компјутер и им било кажано да го пресметаат времето што го поминале пред екран за да го решат тестот.

Покрај тоа што истражувањето покажува дека децата користат технологија повеќе од препорачаните 2 часа, евидентно било дека истата ја користат на различен начин, а за што ја користат и колку долго, зависи од нивната возраст, пол и вид на активност. Кај момчињата од трето до деветто одделение процентот се зголемува од 47 до 70% прекувремена употреба на технологијата. Девојчињата од трето одделение користат помалку технологија од момчињата (43%), но овој процент до деветто одделение нагло се зголемува дури до 90%.

Оваа разлика ги изненадила научниците, но објаснувањето е дека повозрасните девојчиња интензивно ја користат технологијата за да ги решаваат домашните задачи додека момчињата на таа возраст играат разни спортови надвор или пак играат видеоигри на рачни уреди.

Генерално употребата на интернет за решавање домашни задачи и останати активности кај двата пола нагло се зголемува од петто до деветто одделение.

Иако многу критики се упатени кон воведувањето на компјутери во наставата на децата, истражувањето покажува дека всушност најдолги часови пред екран децата поминуваат гледајќи филмови на телевизија или на компјутер како и во користење интернет на училиште.

Американската академија на педијатри е веројатно највлијатената организација која препорачува дека децата од 3 до 18 години треба да поминуваат не повеќе од 2 часа време пред екран, а помалите треба целосно да ги избегнуваат ваквите активности.

Сепак, научниците се сложуваат дека има и полезни работи од дигиталната технологија ако истата правилно се користи. Поентата не е да се демонизира технологијата туку да се знае максималната граница за да не се пропуштат вистинските убави работи во животот на децата па и на возрасните.

Многу истражувања веќе покажаа дека прекумерното седење пред екран носи низа здравствени проблеми како несоници, проблеми со вниманието, проблеми со исхраната и дебелина, а последните истражувања покажаа загрижувачки резултати како промени во социјалното однесување и таканаречениот синдром на смартфон врат.

Но за да се извади подетална анализа за долгорочните ефекти од користењето на разни технологии треба да поминат многу години во опсежни истражувања. И тогаш, точно не се знае што носи иднината во технолошка смисла бидејќи истата премногу често се менува.

Порано под гледање во екран се подразбирало телевизија, игрици и филмови. Денес, со распространетоста на компјутерите, лапотопи и смартфони многу е потешко да се дадат соодветни препораки за користење на технологијата, иако правилото од 2 часа сеуште останува како најздрава опција.

Ова правило често се игнорира, но педијатрите повторно ги охрабруваат родителите да го ограничуваат користењето на технологијата кај децата до разумни рамки. Во спротивно, доколку детето после училиште поминува 5 часа пред телевизор или компјутер, а не си игра надвор, не пишува домашна работа или пак нема интеракција со родителите тогаш имате реален и сериозен проблем.