Дај два гриза

Знаеме дека вишокот на килограми предизвикуваат многу здравствени проблеми кај возрасните, но дали истото важи и кај децата? 

Многупати родителите не ги загрижува дебелината на детето затоа што веруваат дека кога тоа ќе влезе во пубертет наеднаш ќе порасне и ќе ослабе. Овој пристап е погрешен, бидејќи вишокот килограми кај децата можат да предизвикаат проблеми со срцето, со коските, дијабетес, проблеми во спиењето и намалена самодоверба.

Што доведува до дебелеење?

Поради забрзаниот раст и развој на децата им е потребна повеќе храна од обично, а состојбата често ја толкуваат како “зголемен апeтит”. Сепак, тоа не е причина за тие да се прејадуваат.

Во организмот треба да постои рамнотежа помеѓу внесот на храна или течности (внесувањето на енергија) и потрошувачката на енергија за да се одржи нормална телесна тежина. Нарушувањето на оваа рамнотежа со поголем внес на енергија, а помало трошење на истата, предизвикува таложење на масни наслаги, односно зголемување на телесната тежина.

Дополнителни фактори кои влијаат на тежината се метаболизмот, односно како човечкото тело ја преобразува храната и кислородот во енергија, гените и опкружувањето.

На научниците им се важни гените кои носат предиспозиција за дебелеење за подобро да ја разберат моменталната епидемија на дебели возрасни и деца, но тоа не значи дека дебелината е неизбежна доколку го носите овој ген. Напротив, вашите животни навики во поглед на физичката активност и здравата исхрана се клучните фактори за надворешниот изглед и здравјето. Сепак варијантите на гените (FTO-fast mass and obesity-associated gene и BDNF-brain-derived neurotrophic factor gene), кои одредуваат колку брзо ќе се таложат мастите, можат во иднина да помогнат во пронаоѓањето начин како да се изолира и спречи прејадувањето, а со тоа и дебелеењето кај луѓето кои ги носат овие гени.

Заклучоци од истражувањата кај деца во Америка
Истражувањата покажуваат дека дебелината кај децата трикратно се зголемила во последните две декади.

Во Америка 25% од децата под 10 години имаат висок холестерол и висок крвен притисок, така што се предвидува дека доколку децата продолжат со таквиот начин на живот, животниот век на идните генерации драстично ќе се намали.

Болести како последица од дебелина

  • Шеќерна болест – diabetes mellitus тип 2 се повеќе се дијагностицира кај адолесцентите. За оваа болест е потребна посебна повеќегодишна терапија, покрај неопходното намалување на тежината.
  • Кардиоваскуларни заболувања – Хипертензија (висок крвен притисок) често се јавува кај полничките деца, а поради таложење на вишокот масти (холестерол и триглицериди) драстично се зголемува и ризикот од коронарни заболувања.
  • Респираторни заболувања – асмата и ноќната апнеа (престанок на дишење во сон) се почесто присутни кај овие деца.
  • Пореметувања на функцијата на црниот дроб – се среќава кај 20% од децата со зголемена тежина.
  • Намалена плодност – како резултат на хормонските пореметувања кои се случуваат во репродуктивниот период.
  • Пореметување на коскено-зглобниот систем – настанува како последица од долготрајно оптоварување на зглобовите.
  • Пореметувања на функцијата на бубрезите.
  • Психолошки заболувања – вклучувајќи анксиозни неурози и депресија.
  • Дискриминација во друштво – е чест социјален проблем со кој се среќаваат овие деца.

Наведените точки можеби делуваат како застрашувачки список, но тоа се медицински сознанија од реалноста.

Интересни информации
Некои истражувања покажуваат дека емотивниот однос помеѓу мајката и детето многу влијае на неговата телесна тежина.

Научниците утврдиле дека малите деца кои имале конфликтни односи со мајките имаат двапати повеќе шанси да имаат проблем со тежината кога ќе наполнат 15 години.

Исто така, научниците сметаат дека зголемувањето на случаите на дебелина меѓу децата би можело да биде поврзано со влијанието на деловите од мозокот кои ги контролираат емоциите, стресот и апетитот.

Затоа, покрај првичните фактори и предиспозиции, од голема важност е децата да растат во мирна и хармонична средина исполнета со многу љубов.