Наслов

Бесплатни идеи за истерување на досадата

Во отсуство на задачи и цели, а вишок енергија, децата може да направат напната атмосфера во домот. Избегнете ја точката на вриење и овозможете им некоја од овие активности во зависност од годишното време и можности. 

1. Места за посетување
Ако ви стане премногу тесно и напнато во домот скоро секогаш имате опција да излезете надвор на воздух или да посетите некое место... Можете да одите на:
- новото игралиште во реонот;
- на плажа/кеј ако живеете покрај вода и ако дозволува времето;
- на отворено фудбалско игралиште за да играте со топка или да летате змај;
- во продавница за миленичиња да ги разгледате животинките;
- во библиотека, бидејќи децата сакаат да им се чита. А со посетување на ова место од рана возраст им влевате љубов кон книгата и знаење за во иднина. 
 

2. Децата можат да готват

Во зависност од возраста на децата зависи и нивната ангажираност во подготвувањето на најразлични рецепти.
- Мафини, вкусни, лесни и во многу форми;
- Бисквити, обидете се со обично тесто и разни форми со модли;
- Колачи, супер едноставни, само измешајте ја потребната смеса, истурете по една лажица на хартија за печење и гледајте ги како растат во рерната;
- Домашна пица, прво забавувајте се со тестото, а потоа декорирајте ја пицата со саканите продукти.
 

3. Смешно облекување на стари работи
Побарајте некои стари алишта и додадете малку имагинација за да се случи магијата. Девојчињата особено ја сакаат оваа игра. 
- Стари џемпери, кошули и блузи од мама и тато;
- Стари шалови и каиши;
- Капи и шешири;
- Стари кондури и штикли;
- Крилја од стари чаршафи.
 

4. Креирајте уметност
Соберете ја колекцијата од материјали за уметнички дела и позитивно зачинете го лошиот дождлив ден. Вашата кутија за уметност би требало да содржи:
- Ножички;
- Хартија;
- Стикери;
- Картони;
- Селотејп;
- Стари пликови;
- Разнобојни пенкала, боички, фломастери и креди;
- Празни картонски туби (од тоалетна хартија на пример);
- Светки;
- Лепак;
- Стари списанија;
- Бои;
- Пластични кутии.

Со сите овие продукти и помагала можете да бидете максимално креативни...
- Да ја декорирајте уметничката кутија;
- Да си направите свој змај;
- Да правите принтови со компири;
- Оригами;
- Колажи;
- Конструкции (коли, автобуси, дрва, куќи).
 

5. Активни игри
За децата се препорачува да бидат активни минимум 60 минути дневно. Затоа можете да ги испробате следните игри...

*за надвор:
- криенка;
- качување (дури и најмалите деца сакаат да се качуваат каде стигнат);
- трки;
- скокање (трамполина, јаже);
- градинарство;
- возење велосипед;
- скокање вирчиња (особено после дождлива ноќ).

*и за внатре:
- гимнастика;
- бркање со ползење на сите четири;
- изградба на шатор од домашни елементи (столици, чаршафи, ластичиња, ќебиња);
- играње на музика (слободен денс).


6. Вода насекаде

Водата е забавна и за сите, а може да се искористи во најразлични комбинации, само бидете присутни додека се случува забавата, бидејќи со водата доаѓаат и опасностите од давење.
- Игри со истурање вода (земете садови со различна големина и претурајте вода од еден во друг сад);
- Мало базенче на надувување (децата може да се шлапкаат во млака вода, а како екстра за здравје можете да додадете морска сол);
- Обоена бања (додадете во бањата неколку капки боја за храна и обојте ја водата во омилените бои на малечките);
- Музички чаши (наполнете чаши со различна количина на вода и нежно удирајте ги со лажичка со што ќе создавате различни мелодии);
- Прскалица (пуштете ја прскалицата за трева и трчајте наоколу со децата за да се разладите во топлите летни денови).

7. Чистење
Иако чистењето не е омилена активност потребно е да се прави редовно, а децата се желни да помагаат. Затоа, следниот кога ќе чистите на забавен начин вклучете ги и нив во...
- Бришење прашина 
- Чистење со правосмукалка
- Пружење алишта 
- Диплење 
- Собирање играчки
- Средување на креветот

26 Јануари 2015

За авторот