Бела го борда Водно со стил

Тригодишната Бела Зарапчиева, на 13ти Јануари 2019та се запиша како најмладата сноубордерка која успеала да го спушти врвот Крстовар, кој со своите 1066 м.н.в претставува највисокиот врв на планината Водно.

Бела е дел од групата Смешковци кај учителките Цаци и Кети во Градинката „Раде Јовчевски-Корчагин”- Скопје од каде веќе ни изјавија дека се горди на нејзиниот успех.

Патеката по која успешно скијаше младата Бела е популарно позната како Асфалт и е со должина од околу 7 км. Се карактеризира со неколку стрмни и технички тешки делови кои младата Бела ги помина без особени потешкотии. При спуштањето беа направени две кратки паузи, кај првиот видиковец после Крстовар каде се хидрираше со планински чај и мед а приликата ја искористи и за правење снешко, втората пауза кај детското одморалиште каде беше направена кратка консултација и припрема за поминување на стрмните делови кои следеа.

Спуштањето на Водно со сноуборд бележи први обиди некаде кон крајот на 90тите години од 20тиот век, но повеќето неуспешни. Во новиот милениум сноуборд активностите на планината се зголемуваат, а кулминација доживуваат со изградбата на жичницата Средно Водно – Крстовар. Сепак, младата Бела со своите 3 години е дефинитивно најмладата која успешно се спуштила од оваа планина со својот сноуборд.

Бела изјави дека за подвигот добила голема подршка од својот татко, кој изготвил сендвичи за по пат и ја качил до средно Водно со кола, и дека без таа помош немаше да успее да го изведе спуштањето.

Овој за неа голем и значаен подвиг таа им го посветува на мама Елена и тато Александар со честитка за среќна годишнина.

— 

п.с. „новинарската” објава со благ сатиричен тон е напишана од тато, но сепак подвигот на Бела легитимно си стои во аналите на нашиот Пиколино сегмент и истиот треба да биде мотивација за што повеќе родители.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија