Витамин за вашата кожа

Витаминот Е има најбројни и најдокажани ефекти врз нашиот најголем орган. Без разлика дали се прима преку исхраната или со користење локализирани креми богати со овој витамин, кожата ќе Ви биде максимално благодарна.

Витаминот Е претставува хиперним за осум липосолубилни (растворливи во масло) агенси, од кои алфа-токоферолот е биолошки најпотентен. Антиоксидансите претставуваат супстанци кои ги неутрализираат оксидирачките ефекти на слободните радикали, кои се примарната причина за клеточна деструкција, оштетување на колагенот во кожата, нејзино стареење, сувост и појава на брчки.

Овој витамин пак е еден од најмоќните антиоксиданси во природата кој се бори со слободните радикали, но нашето тело не е во можност да го продуцира, па тој останува да се внесува само преку нашата исхрана или локално да се нанесува.

Ефекти врз кожата
Консумирањето на храна богата со овој витамин како и неговата надворешна употреба преку разни креми и масла помага во спречување на стареењето на кожата односно оштетувањето на ДНК молекулите во клетките.

Докажано е дека внесувањето на витаминот Е помага во намалување на изгорениците од сонце односно тој нуди фотопротекција од штетните УВ зраци. Но тоа не значи дека внесувањето на витаминот целосно ќе ве заштити и ќе ви дозволи да се печете на сонце!

Исто така, неговата анти-оксидансна моќ помага во зараснувањето на раните и се користи во третманот на изгореници. Преку намалувањето на штетните влијанија на слободните радикали врз колагенот од кожата, овој витамин може да обезбеди заштита и превентива од настанувањето на брчки, но не и нивно отстранување.

Хранителни извори и дневни потреби
Иако нанесувањето на креми и масла богати со овој витамин многу повеќе ја заситуваат кожата со моќниот антиоксиданс, правилната и избалансирана дневна исхрана може исто така да ги задоволи потребите на вашата кожа. Препорачаните дневни дози за возрасни се 15mg (22,5 IU) секој ден и тие може да се внесат со редовно консумирање на разновидни јатки, овошје, зеленчук и растителни масла. Растителните масла како маслиновото и сончогледовото се особено богати, но и грицкањето на бадеми, лешници и кикиритки се одличен начин за задоволување на овие потреби.

Внимавајте со претераното внесување на овој витамин како преку исхраната така и со нанесувањето на разни масла бидејќи тој има горна граница на внесување која не треба да се надминува, а локалното нанесување кај некои индивидуи може да предизвика егзем, осип и кожни проблеми.

Доколу јадете една шака бадеми дневно ќе задоволите околу 90% од дневните потреби на овој витамин, а воедно ќе го заштитите и вашето срце.