Наслов

Уживајте безгрижно на сонцето!

Изгорениците од сонце се црвени, болни делови од кожата кои се топли на допир и вообичаено се појавуваат неколку часа после изложеност на сонце, а траат неколку денови.

Не дозволувајте недоволната грижа и информираност да Ви го расипе годишниот одмор и уживањето во сончевите денови. Заштитете се соодветно и безгрижното весело лето може да започне!

Симптоми на изгореници од сонце:
- црвенило
- кожа топла на допир
- болка или зголемена чувствителност
- оток
- мали меури исполнети со течност кои може да пукаат
- главоболка, треска и омалаксаност, ако зафатат поголема површина
Секој дел од телото (вклучувајки ги и ушите, скалпот и усните) може да биде зафатен. Вашите очи кои се особено чувствителни на ултравиолетовите зраци, може исто така да изгорат.
По неколку денови Вашето тело започнува со процесот на самоизлекување преку лупење на горните слоеви на оштетената кожа. По лупењето може одредено време да постои ирегуларна пребоеност или текстура на кожата.

Фактори на ризик
Долготрајната изложеност на ултравиолетовите зраци, без адекватна заштита може да ја оштети кожата. Природен одбрамбен механизам на организмот при контакт со УВ зраците е создавањето на поголема количина на пигментот меланин. Тој ги блокира сончевите зраци да не навлезат подлабоко и да ја оштетат кожата. Но, секој има различен степен на одбрана. Тоа зависи од индивидуалната генетска предиспозиција.

Постојат 6 типови на кожа, во зависност од бројот, дистрибуцијата и типот на клетки кои создаваат меланин – меланоцити. Така, тип 1 е кожа која секогаш гори, а никогаш не создава темен тен. Другата крајност е тип 6, кожа која ретко гори, секогаш создава длабок, темен тен.

Компликации
- Инфекции – после прскањето на меурите, поголема е подложноста на бактериски инфекции.
- Побрзо стареење на кожата – изложеноста на сонце и честите изгореници може да доведат до некои промени на кожата, кои на долгорочен план ја намалуваат отпорноста од стареење на кожата.
- Актинична кератоза – станува збор за преканцерозна промена, која е во вид на задебелени, колорирани површини на кожата кои лесно се лупат. Се поврзува со долготрајната, незаштитена изложеност на сонце.
- Кожен карцином – доволно долгата и интензивна изложеност на сонце може да доведе до оштетување на ДНА во клетките на кожата. Најчесто се појавува на делови кои се не се покриени со облека и доаѓаат директно во контакт со сончевите зраци.
- Оштетување на очите – УВ зраците може да ја оштетат мрежницата, како и да го забрзаат процесот на настанување на катаракта.

Што треба да направите доколку сте во опасност од изгореници?
- Избегнувајте изложување на сонце помеѓу 10 и 16 часот.
- Носете лесна облека, капа и очила за сонце.
- Користете креми за заштита од сонце, со минимален фактор 15.
- Редовната употреба на бета каротен го превенира оштетувањето на кожата од сончевите зраци. Докажано е преку повеќе студии дека неколку неделната употреба на суплементи со бета каротен пред изложувањето на сончевите зраци, даваат одлична заштита од изгореници од сонце. Исто така овој провитамин го помага создавањето на подобар тен и полесното потемнување.
- Лутеинот пак, ги штити очите од штетните влијанија на УВ зрачењето. Редовната примена на суплементи на база на лутеин, особено ао е во комбинација и со други антиоксиданси, покрај заштитата од заболувања на окото (како катаракта, голем диоптер), делуваат и на заштита од оштетувања на структурите на окото од сончевите зраци.

Доколку настанат изгореници од сонце:
- преместете се некаде каде нема да бидете директно изложени на сончеви зраци;
- ставете студени облоги или влезете под ладен туш;
- нанесете навлажнувачки крем, по можност на база на алое вера, а по потреба и кортикостероиди за да се смири инфламацијата;
- внесувајте многу течности;
- по потреба земете анти-инфламаторни лекови;
- не ги пукајте меурите доколку се појават;
- доколку се искомплицира состојбата побарајте совет од
лекар.

д-р Бисера Пандовска

10 Јули 2017

За авторот