Кулинарските ТВ шоуа и конфекцискиот проблем

Го докажале! Гледањето на кој и да е од оние кулинарски ТВ гуруа како Џејми Оливер, оној белион Холанѓанец или Алачки може да не направи подебели. Не дека не можеше да се претпостави. 

Според новата студија на еден Женевски факултет, гледањето на телевизиските програми со кулинарски вештини може да ја зголеми нашата потреба за високо – масни и високо – зашеќерени производи и на крајот на краиштата да ни ги промени нашите хранителни навики на полошо.

Популарните кулинарски ТВ шоуа не секогаш претставуваат здрави продукти и јадења во нивните менија. Всушност, многу од нив најчесто не прават вулнерабилни и стрвни токму за оние џанк храни и производи и наместо да не натераат нешто да зготвиме тие не тераат нешто да порачаме по телефон.

Студијата
80 возрасни испитаници беа поделени во две групи. На едната група за време од 10 минути им била прикажувана кулинарска програма, а на другата документарец за природата. После тоа, на испитаниците им биле понудени три чинии полни со моркови, смоки и чоколадни колачиња и инструкциите биле да јадат од што сакаат најмногу за време од 10 минути.

Резултатите
По премерувањето на чиниите испаднало дека, оние испитаници кои го гледале кулинарското ТВ шоу изеле многу поголеми количини од чоколадните колачиња (кои имаат многу повеќе калории) од оние кои го гледале документарецот. Тие пак, имале изедено многу повеќе моркови. Иако крајната бројка на консумирани калории на двете групи била тука некаде, видот на храна е далеку различен.

Сепак, и покрај тоа што студијата дала интересни резултати, таа има свои лимитации и можност за неправилности бидејќи испитаниците биле запознаени со типот на студијата (што може да влијае на испитувањето), а и времето кое го поминале пред телевизорите било само 10 минути. Затоа, испитувачите признаваат дека резултатите може да варираат во зависност од многу варијабли на испитувањето и дека дополнителни студии се потребни за да се донесе дефинитивен став за оваа корелација.

Заклучок
Иако се уште нема цврсти докази дека гледањето на вакви ТВ програми може да не направи пострвни за џанк храна, сепак истражувањето привлекува големо внимание особено поради порастот на ваквите ТВ програми.