Наслов

Рузмаринот не е само за на ревери

Тркнете до најблиската грмушка и наберете неколку гранчиња од овие зимзелени иглички ако случајно претерате со дигање тегови.

Иако форсиран меѓу главните актери во шампоните против опаѓање на коса рузмаринот не е познат само во оваа естетска проблематика. Тој ја подобрува работата на циркулаторниот систем, ја стимулира дигестијата, а во последно време нашироко се проучува и неговото дејство врз меморијата и концентрацијата.

Бонус од оваа билка е и ефектот што го има при третирање на ревматски и мускулни болки. Иако науката сериозно не се зафатила со проучување на механизмот на делување, сепак искуството и алтернативната медицина сведочат за неговото аналгетско и антиревматско дејство особено погодно при мускулни воспаленија и болки. Впрочем, често тој е и состојка на геловите кои се користат за ваквите состојби и повреди.

Затоа што лесно се апсорбира преку кожата, можете да си направите домашен лек против воспалени мускули во вид на облога или масло.

За облога: Потопете со врела вода неколку гранчиња рузмарин, покријте го садот и оставете да отстои околу 30 минути. Добиената течност се користи како облога и се аплицира на повреденото место 2-3 пати на ден.

За масло: Ситно исецкани ливчиња рузмарин се ставаат во стаклен сад и се прелеваат со маслиново масло, се затвора садот и се остава 2 недели на темно и топло место. Потоа прецедете го маслото и подготвено е за користење.

24 Јуни 2013

За авторот