Здрави навики за поквалитетен живот

Појадок – главниот оброк во текот на денот

Во серија текстови ќе се обидам да ве поттикнам да размислите и самите да ја донесете одлуката на кој начин ќе ја почнете борбата со вашите килограми, не наседнувајќи на разноразните трикови со кои сте секојдневно бомбардирани.

 

Ако се анализираат навиките на дебелите луѓе, ќе се најдат многу сличности помеѓу нив. Начинот на живот, однесување, размислување, стереотипите… Знаете, во нашиот живот се вгнездени илјадници навики кои што најчесто не ги ни забележуваме, туку механички, постојано ги повторуваме.

Една од тие навики е и појадокот, односно квалитетот на појадокот. Ако се вратиме на претходните зборови, “механички повторувања” при моите анализи, прво на самиот себе, па и на околината, најпрвин што ми падна на ум беше прашањето: зошто синоним за појадок е бурек со јогурт?

Навидум нормалниот оброк, кога го изанализирав, сега, по почетокот на мојот здрав начин на исхрана и одредените податоци околу храната кои во меѓувреме ги научив, се вознемирив кој е најпопуларниот појадок на овие простори!

Прво, бурекот се прави од бело брашно. Белото брашно се состои само од житното јадро, односно, од него е извадена обвивката од зрното. Во белото брашно нема никакви витамини, ниту минерали, па според тоа внесувате само огромен број на калории. Во сто грама бело брашно има околу 370 калории!

Но, не е само брашното, во бурекот се ставаат додатоци, па така, ако се вкалкулира “таканареченото” месо (таканаречено бидејќи има најмалку месо, најчесто се тоа отпадоци од месото, како мрснотии, кожинки, сувомеснати производи, нокти, меки коски… кои се мелат, им се додаваат силни и доминантни индустриски зачини и најчесто тоа е смесата за ќебапи или плескавици, или “месото” за бурек) кое содржи уште околу 300 калории, маслото кое се додава при месењето и печењето и на крајот јогуртот (исто така дискутабилен момент, дали е направен од млеко или од млеко во прав), бидејќи нели, бурек без јогурт “не оди”, ќе се дојде до фантастични шестотини до седумстотини калории за нездравиот појадок, под услов да се задржите на четвртина бурек со јогурт!

Најчесто во разговорот на оние кои често го практикуваат овој вид на појадок (меѓу нив бев и јас), после оброкот е: Многу убав е бурекот, ама сега ми е тешко, или имам киселини, или ме боли стомакот. Но, по половина час до час тешкотиите поминуваат и се забораваат, па следниот ден го повторуваме ритуалот.

И повторно нема да навлегувам во медицинските аспекти и процесите на преработка на храната во организмот, анализирајќи зошто после јадење на ваков оброк најчесто чувствуваме тежина, само ќе ве замолам да се навратите погоре, во делот за водата, каде се обидувам да ги објаснам шоковите кои му ги предизвикуваме на системот за варење при консумацијата на топол оброк за ручек и ладна вода.

Е па, ладен бурек, нели, не оди, тој мора да е топол, тукушто изваден од печка, а јогуртот, нормално се чува во фрижидер. Истиот шок за организмот кој се обидува да го свари оброкот, а ние со јогуртот му правиме постојано топло-ладно, односно тргни-застани, но овојпат уште поекстремно, бидејќи појадокот е најчесто некаде набрзина, а за квалитетот на состојките да не зборуваме, направивме мала анализа погоре !

Ако тестенините се вообичаени за појадок во Европа, па и Азија, при мојата неодамнешна посета на Соединетите Американски Држави имав можност да се запознаам и со нивниот начин на исхрана, во конкретниов случај да го видиме нивниот појадок.

Иако навидум нивните појадоци изгледаат здрави, пред се поради почестата употреба на житарките, сепак, не е баш така. Прво ми падна во очи количината. Дури и да се работи за поздравите варијанти, како ‘рж, јачмен, овес, хељда кои се најчесто интегрални и не содржат во себе вештачки шеќери и подобрувачи на вкусот, треба да се има во предвид нивното високо ниво на калории.

Во 100 грама житарки, во просек има по околу 300 калории. Забележав дека најчесто прават обилни мешавини, во кои пак, најдоминантен е корн флексот, односно пченкарните снегулки.

Бидејќи е полн со шеќер, го подобрува вкусот на целиот оброк, но и додатно го покачува нивото на калории. Исто така, во овие мешавини нејчесто се става и суво овошје, како брусница, боровинки, сливи и.т.н. и повторно не се внимава на количината. Во 100 грама суво овошје пак, има околу триста и педесет калории. Сета оваа вкусна мешавина се прелива со “обезмастено-нискокалорично” млеко, најчесто од “здравата” соја и како по некое правило се става во микробранова печка, бидејќи за млекото да се загрее на шпорет, кој процес би траел две до три минути повеќе, нели, “се нема време” .

Е сега, за обезмастеното млеко сум читал многу податоци, како се прави, односно какви се индустриски и хемиски процеси на одвојување се спроведуваат за да се доведе до ниво кога ќе можат да му залепат етикета со помалку маснотии.
Му ставаат вештачки ароми и адитиви, но на консументот му е најважен фактот дека на него пишува 0.9% масленост, а не 3.2% , притоа не обрнувајќи внимание дека истовремено преку засладената пченка во житарките внеле еден куп калории, шеќери и.т.н.

За штетното влијание на микробрановата печка, раздвижувањето на молекулите при процесот на загревање, кои не се смируваат долго време по внесувањето во желудникот можете да најдете многу податоци на интернет, како и во прирачниците за здрава исхрана.

И за крај на овој “здрав” оброк, тукушто изваден од микробранова, пијат чаша или две чаши, исто така “здрав” и “100% ПРИРОДЕН” џус од портокали, ладен, тукушто изваден од фрижидер !! За тоа колку се соковите кои ги купуваме 100% природни и здрави, ќе ви раскажам една анегдота: Имено, работното место на еден мој пријател, случајно се наоѓа до една од најпопуларните и најрекламираните фабрики за што процентен сок во мојата држава. Пријателот низ смеа ми раскажува дека во изминативе пет години, колку што работи во соседната зграда до фабриката, не забележал да влезе камион кој би истоварил овошје за преработка.

Забележува само цистерни, полни со концентрати, бои, ароми… Во контекст на ова, а и на моето интензивно размислување околу исхраната, би ве замолил и вие да помислите на една логична теза околу сокот од овошје.

Имено, сите дома имаме соковници, па доколку купиме било какво овошје и го сомелеме низ соковникот, за да исцедиме еден литар сок , ќе ни биде потребно три или четири килограми овошје, во зависност од овошјето можеби и повеќе!
Помислете само, како е можно еден литар исцеден сок да има иста цена како и килограм овошје, па и да биде 100% природен!!!

Значи горе-долу, секаде во светот, иако состојките се различни, грешките се слични или исти. И во двата случаи, внесот на калории е огромен и после сме зачудени од каде толку килограми, а “ништо” не јадеме. Уште ако и при ручекот и вечерата од невниманиe ги повторуваме истите грешки, лошиот резултат ќе биде неминовен …
Сепак, поентата ми беше сосема друга. Појадокот игра огромна улога, ако не и најголема во напорот да се нормализира телесната тежина и да се започне со здрав начин на исхрана.

Правилната распределба на оброците влијае на навикнувањето на организмот дека континуирано ќе добива доволна количина на храна и дека нема потреба да складира резерви. Ова ќе го потенцираме постојано, бидејќи е клучен момент за запирањето на процесот на наталожување на мрсни наслаги, но и нивно елиминирање.

Вистинската количина на појадок е особено важна и поради фактот што во текот на ноќта, кога спиеме, на организмот не му додаваме оброци, па поради тоа, а и поради почетокот на новиот ден, работните обврски и енергијата која е потребна, исклучително е важно квалитетно да појадуваме.

Еве како постапувам јас. Најискрено, почнав со комплетна елиминација на “штетните” продукти, јадев еднолично, но се соочив со проблемот со кој се соочуваат многумина, имено, навикнатоста на нашиот мозок, преку непцата и сетилата за вкус и мирис, покрај простото полнење на желудникот да се доживее и сласта на вкусот на храната, по одреден период од воздржување се вратив на старата исхрана.

Тоа се тие падови кои секој на почетокот ќе ги доживее. Но, не треба да се разочаруваме, туку треба да се почне отпочеток, со уште поголем мотив.

Веќе споменавме дека борбата со килограмите е постојана и ќе трае во текот на целиот наш живот. Ќе се навратам на претходните поглавја и споредбите со учењето да се вози велосипед. Што ќе се случеше ако по првите падови и рефлексни допирања со нозете на земјата, се откажевме. Немаше да знаеме да возиме велосипед. Исто е. Ако не бидете упорни, ќе си останете со прекумерната тежина, со ризиците по здравјето кои таа ги носи и со низок квалитет на живот. Но, да се навратам на појадокот. Си направив еден план кој до денешен ден, успешно ми функционира.

Три дена во неделата јадам житарки, во мали количини, отприлика целата мешавина да не помине сто грама, притоа, во мал сооднос, колку да ми замириса, ставам и од оние “штетни” состојки, како на пример зашеќерената пченка, додавам половина лажиче оризово или овесно млеко во прав (значи повторно многу мала количина), преливам со топла вода и по дваесетина минути го консумирам својот оброк.

Два дена во неделата јадам овошје, исто така во “нормални” количини, поради природните шеќери и калориите кои ги содржи овошјето (за ова ќе зборуваме понатаму) и два дена во неделата јаткасти плодови, како ореви, бадеми, семки од тиква… непечени.

Секако, повремено оброкот со житарки или овошје знам да го заменам со тврдо варени јајца, или сирење со малку маснотии и интегрален леб, но многу ретко и со огромно внимание на количината на калории.

Житарките не би ви препорачал да ги прескокнувате и заради податокот дека имаат големо влијание во нормализирањето на дигестивниот тракт, празнењето на цревата, односно исфрлањето на отровите од организмот.

Секако, за ова придонес има и целулозата, која се наоѓа во лебовите, па и тие не би требало комплетно да се исфрлат, но, за тоа потоа.”

(продолжува)
– извадок од прирачникот за слабеење “Здрави навики за поквалитетен живот”