Како до посилен имунитет

Победете ги сезонските вируси

Кај многумина отпорноста на организмот опаѓа во преодниот период помеѓу летото и есента. Притоа се јавуваат здравствени тегоби и пад на имунитетот како настинки, алергиски реакции и исцрпеност.

Силниот имунолошки систем е најдобриот начин да се одбраните од нападот на вирози, чија појава е најчеста во есен. Здравата исхрана пак, е клучна за зајакнување на исцрпениот имунитет и за подобрување на способноста на телото да се бори против инфекциите.

Што може да го ослаби имунолошкиот систем?
Улогата на имунолошкиот систем е да го заштити организмот од патогени бактерии и вируси. Повеќето бактерии која го напаѓаат организмот може да предизвикаат инфекција, но, доколку имаме јак имунитет, тој ќе се одбрани од ваквите напади. Има многу причини поради кои имунолошкиот систем слабее, а една од нив е и лошата исхрана.

На пример, внесувањето на прекумерни количини храна богата со шеќер е штетно за организмот затоа што шеќерот ја намалува способноста на белите крвни клетки да се борат против патогените организми. Дехидратацијата исто така негативно влијае, затоа што недостатокот од течности предизвикува грчеви во мускулите и вртоглавици. И сонот е од суштинско значење бидејќи во текот на спиењето, имунолошкиот систем се регенерира и ако не го добиеме потребниот сон, тој потешко ќе се бори со болеста.

Како да го зајакнеме имунитетот?
За подобар имунитет се препорачува урамнотежена и здрава исхрана. Затоа во есен, кога е сезона на вируси, особено зголемете го внесот на зрнеста храна и здрави масти кои ги има во рибата, семињата и лешниците. Исто така, препорачливо е лукот и кромидот да се најдат на вашето дневно мени бидејќи се богати со антивирусни и антибактериски својства. Некои студии покажуваат дека лукот ја стимулира активноста на неутрофилите и макрофагите, клетки кои најдобро се борат против инфекциите.

Сезонска вакцина против грип, да или не?
Доколку сакате да го намалите ризикот од заразување со вирусот на инфлуенца (грип), тогаш есента е идеалното време за имунизација. Во Америка на пример, вакцинирањето против грип се препорачува уште од 6 месечна возраст, но во Велика Британија пак, не се препорачува вакцинација, така што се уште имаме поделено мислење околу тоа дали е неопходна имунизација против сезонскиот грип. Во Македонија, докторите препорачуваат вакцина да примаат хронично болните, луѓе над 50 години или оние со слаб имунолошки систем. Секако не се исклучуваат ни децата под 5 годишна возраст како и жените кои планираат да забременат.