Наслов

Паушални бадем калории

Доколку досега сте избегнувале голем дел од јатките во вашиот хранителен репертоар само затоа што биле многу калорични размислете повторно. Испадна дека претходните калориски мерења биле паушални и недоволно точни.

Според претходните мерења, една рака на бадеми односно околу 28 грама имаа 168 до 170 калории. Сегашните калориски премерувања кажуваат дека мерењата според застарениот Atwater метод ги направиле бадемите подебели за 20 отсто, односно тие имаат реална калориска вредност од 129 калории за истата грамажа.

Застарениот метод кој се користи за мерење на калориската вредност на храната се вика „the Atwater general factor system" и датира од доцните 1800-ти. Според овој метод на сите нутриционистички макро-елементи им се препишани стандардни бројки на калории по грам без разлика на храната во која се наоѓаат. Башка, алкохолот не се смета за нутрициенс, туку за токсин, а и тој има и тоа каква калориска вредност.

Јаглехидратите и протеините носат по 4 калории на грам, мастите 9, а алкохолот 7 калории на грам.

Научниците велат дека овој систем за одредување на калориската тежина на хранителните групи, особено за јатките во целост е неточен. Иако студијата се концентрира само на бадемите, тие велат дека системот е слаб прогнозер за енергетските вредности на сите јатки, па и житарки.

Според нив, ригидната структура на клеточната мембрана кај јатките можно е да „заклучува" дел од мастите со што тие не се во можност да се преработат и апсорбираат. Ова можеби е така поради големата количина на диетални влакна кои се наоѓаат во клеточната мембрана и тие биохемиски не дозволуваат нивна дигестија, па и дигестија на мастите кои ги обиколуваат.

25 Февруари 2013

За авторот