Наслов

Направете му шах-мат на грипот

Во сезоната на настинка и грип нема ништо полошо од долгата редица во аптека и еден тон вирусни честички распрскани околу вас. А и не заборавајте ги високите  цени на лековите. Затоа подобро пазарете си здравје на пазарче и направете му шах-мат на грипот со овие неколку вкусни потези.

Супа
Добро познатата супа од петел е одлична за да се справите со настинката. Ги надокнадува изгубените течности, а исто така го решава и затнатиот нос.

Лук
Нека биде зачин во секое јадење или за доброто на здивот барем само во вечерата. Содржи алицин на кој му се препишува антимикробно дејство и го прави потентен лек во борбата против инфекциите.

Цитрусно овошје
Како што расте бројот на заболени од грип паѓа цената на портокалот, па во овој период имајте на залиха килограми од сите типови на цитрусни овошја. Високата содржина на витамин Ц ги сврстува во првиот ред во борбата против грипот. Со својот антиоксидантен потенцијал имаат голема способност да ги намалат и ублажат несаканите симптоми. Истото важи и за прокељот, брокулата и доматот.

Јогурт
Бенефитот од овој млечен производ доаѓа од содржината на Lactobacillus reuteri, за кои се смета дека ја блокираат репликацијата на вирусните честички. Меѓутоа не секој јогурт го содржи овој микроорганизам, па затоа проверете ја етикетата.

Чај
Стоплете си го и телото и душата со шоља чај. Има сличен ефект како супата, рехидрира, топлината позитивно делува врз респираторната слузница, а флавоноидите во неговиот состав се потентни антиоксидански.

Ѓумбир
Оваа билка е од голема помош кога станува збор за вируси. Неговата тајна се сесквипертените, супстанци кои делуваат против риновирусите. Исто така делува благо аналгетски и седативно, па косумирајте го од кесички чај или направете си сами напивка од свеж ѓумбир и врела вода.

Мед
Подобар од било кој сируп протв кашлица и болки во грлото. Со секоја лажчка мед се создава покривка за иритираната слузница во грлото и се намалува болката. Делува антивоспалително и антимикробно во борбата против вирусите, бактериите и габите.

Црн пипер
Иронично, но зачинот што најчесто не тера да киваме е оној што не ослободува од кивавицата. Црниот пипер изобилува со пиперин, состојка позната по своето дејство против настинките.

19 Февруари 2013

За авторот