Комплетна исхрана за идните мајки веганки и вегетаријанки

Најчестиот муабет кој го слушаат бремените жени е на тема јадење и храна. Од бабински муабети дека треба да се јаде за двајца, колку сакаш и што сакаш, до многубројните стручни совети со листи на намирници и суплементи кои ги задоволуваат потребите на мајката за правилен развој на бебето. Ваше е кој пат ќе го одберете…

Идните мајки се наоѓаат пред тежок предизвик мудро да ги изберат најлогичните совети, да се осврнат кон природата која нуди се што ни треба, а количината на храна за нијанса да ја зголемат, но во вториот дел од вториот трисеместар и тоа за околу 300 калории. 

Иако понекогаш не е лесно да се следат правилата за здрав живот и здрава исхрана, бремените жени имаат и тоа каков мотив плус за да свртат нов лист и да ги променат своите дотогашни животни навики. Нормално, не е грев идните мајки да си допуштат и по некое забрането задоволство од време на време.

Во нашето општество, сеуште владее мислењето дека без месни и млечни производи нема комплетна исхрана, а ова мислење е особено истакнато во исхраната на бремените жени. Сепак, има и многу жени кои одлучиле да живеат како вегетаријанци или вегани, а бременоста не им претставува пречка да продолжат со истиот начин на живот, а притоа да родат здраво дете. 

Она што е важно при ваквите случаи е идните мајки да се осигураат дека примаат доволно железо, калциум и витамин Б12 кои се содржани во месото и рибата. Исто така, треба да внимаваат дали внесуваат доволно витамин Д кој е многу важен витамин за трудниците и доилките.

Кои се алтернативни извори на железо?
– суво овошје (кајсии на пример)
– темно зелен зеленчук
– полнозрнест леб
– легуминози
– мусли збогатени со железо
– јајца (за вегетаријанците кои ги конзумираат)

Кои се алтернативни извори на витаминот Б12?
За вегетаријанци:
– млеко и сирење/кашкавал/урда
– јајца
– кисело млеко и јогурт

За вегетаријанци и вегани: 
– мешани мусли за појадок
– соја напитоци (по можност БИО)
– пивски квасец

Бидејќи исхраната на веганите е поограничена, пожелно е да внесуваат суплементација на витаминот Б12.

Кои се алтернативни извори на калциум?
– соини производи
– ориз
– овесни напитоци
– тофу збогатено со калциум
– сусамово семе и таан
– легуминози
– интегрален и бел леб
– суво овошје
– темно-зелен лисест зеленчук

Веганите треба да се осигураат дека примаат доволно калциум преку исхраната, бидејќи обично луѓето го примаат преку млечните продукти.

Кои се алтернативни извори на витаминот Д?
Овој витамин најмногу го има во месото, рибата и јајцата, но за среќа изложувањето на сончева светлина исто така може да го поттикне создавањето на овој витамин.

И покрај тоа, на сите бремени жени им се препорачува да земаат суплементација на витамин Д за да обезбедат резерви и за нивното бебе. Веганите би требало да ги проверуваат етикетите за се осигураат дека суплементацијата не е од животинско потекло.

Најдобро е трудниците да разговараат со својот доктор за тоа дали и како ги примаат сите нутриенти кои се потребни за нив и за нивното бебе.

Која храна треба да се одбегнува?
За сите бремени жени важи правилото дека не треба да конзумираат жива риба или меко, младо, мувлосано и плаво сирење бидејќи овие продукти можат да содржат листерија која е опасна и може да предизвика спонтан абортус, мртвородени или сериозни нарушувања кај новороденчиња. 

Идните мајки нека избегнуваат паштети (дури и вегетаријански) кои исто така можат да содржат листерија. Некои вегетаријански паштети користат живи јајца кои носат ризик од зараза со салмонела.
Затоа и при конзумација на јајца треба да се осигурате дека тие се добро сварени. 

Што им е потребно на доилките?
Доколу доите а сте веган, многу е важно да земате суплементација на витаминот Д, а доколку сте земале витамин Б12 при бременоста, продолжете со оваа суплементација и додека доите.

Останатите витамини и минерали можат да се внесат преку исхраната со добро избалансирана диета.

Витаминските капки кои ги содржат витмаините А, Ц и Д се топло препорачани за новроденчиња меѓу 6 месеци и 5 години, освен ако дневно внесуваат повеќе од 500мл вештачко млеко кое е збогатено со овие витамини.

Најпрепорачливо е бебето ексклузивно да се дои до 6 месеци, а потоа постепено да му се воведува храна, додека сеуште паралелно се дои. 

На пазарот постои и вештачко млеко од соја, кое е алтернатива на кравјото млеко за мајките вегани доколку не ги дојат своите малечки. Секако, прво треба да се советувате со вашиот доктор пред да го превземете овој чекор.