Клучниот фактор за подмачкани зглобови

Ползата од максимално уживање во брокулата тргнува во сосема нов правец. Веќе не е само антиканцероген борец богат со антиоксиданси, туку и подмачкувач на зглобните површини.

Остеоартритисот е болно и лимитирачко заболување на зглобовите кое најчесто ги афектира дланките, стопалата, ‘рбетот, колковите и колената. Може да биде резултат на старечката инволуција, но исто така може да се сретне кај млади и спортски претерано активни и од друга страна кај лица со прекумерена телесна тежина или пак како автоимуно заболување.

Болки во зглобовите, вкочанетост, воспаление и отекувања, висока температура се само дел од симптомите кои се алармантни за остеоартитис, а терапијата е најчесто посветена само на симптомите, односно се третира болката, без да се третира каузата. Токму затоа превенцијата е еден од најважните фактори кај ова заболување.


Мапа – Забележете како Македонија се наоѓа во најафектираниот регион, податоците се според Светската Здравствена Организација. 


И сега веќе дојдовме до нашиот главен јунак брокулата. Имено токму брокулата дава надеж за ефективна нутри-превенција на заболувањата на зглобовите. Истражувачите откриле дека сулфорафаните од брокулата (кои исто така ги има и во кељот, прокељот, зелката и карфиолот) се ефективни во спречување на оштетувањата на ‘рскавичните ткива.

И иако ова се испитувања направени само на лабораториски заморчиња, гласот дека брокулата може да биде и превенција и лек за остеоартит веќе надалеку се слуша и си го најде патот до повеќе медицински журнали. Имено токму тие сулфорафани делуваат како блокатори врз ензимите кои земаат битна улога во процесот на воспаление.

Да не зборуваме и за тоа дека брокулата е одличен извор на витамини, антиоксиданси и фитонутрициенси, сите важни и сите во големи количини, кои сами по себе на телото му даваат виталност и енергија. Така и за превенција и за терапија и за многу други бенефити навалете на брокули, сега се во сезона.