Каранфилче во служба на здравјето и сетилата

Арома, зачин, лек… каранфилчето ги има сите три.

Каранфилчето што го користиме како зачин се всушност исушени пупки од истоимениот цвет. Најмногу се одгледува во Индонезија, Пакистан, Шри Ланка, Индија, Занзибар, Мадагаскар. Се користи како зачин за различни јадења, како солени така и слатки.

Може да се најде како цели исушени пупки или во смелена форма. Целите пупки се секогаш подобар избор бидејќи смелените каранфилчиња губат од аромата и драгоцените состојќи во текот на мелењето.

Неговата арома се смета за стимулирачка, а некаде ќе сретнете и дека каранфилчето е афродизијак. Слатката и потентна арома на каранфилчето го прави главен зачин во ѓумбировите колачиња и асоцијација за Божиќните празници.

Освен тоа, најдобриот рецепт за францускиот бешамел сос вели да додадете еден мал кромид шпикуван со каранфилчиња и лорберов лист. Вака подготвениот кромид ќе ја даде посакуваната арома, а лесно ќе ги извадите состојките пред служењето.

Она што му ја дава карактеристичната арома на каранфилчето е неговата состојка еугенол. Еугенолот има аналгетичко дејство и поради тоа често е корсти во стоматологијата за смирување на акутни болки со дентогено потекло, но и за смирување на лезии на меките ткива. Еугенолот исто така покажува антибактериско и антипаразитарно дејство.

Во традиционалната медицина каранфилчето најчесто се користи за стомачни тегоби и проблеми поврзани со гастроинтестиналниот тракт, а масло од каранфилче се употребува и за надворешна масажа на мускулите, токму заради аналгетичкото дејство.

Сепак внимавајте, преосетливост на еугенол е честа состојба и затоа употребата на каранфилчето надвор од кујната препорачливо е да оствари по претходна консултација со лекар.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија