Како пролетта го обои пазарчето?

Ново освежување во торбите и фрижидерите… Сончевите денови ни носат свежи намирници, кои секој од нас треба да ги крка секојдневно!

Не размислувајте дали да појдете до пазар, туку направете го тоа веднаш и пружете си доза здравје која доаѓа од свежите, пролетни продукти. Следните намирници изобилуваат со фитонутрициенси, витамини и минерали кои му се потребни на телото за да функционира беспрекорно, а токму во овој период овие намирници се во полн ек.

МЛАД КРОМИД

Снопчиња од зелени нишки, освен што даваат вкус и боја на секоја пролетна салата, изобилуваат и со многу здравствени придобивки.  Младото кромитче има високи дози на витамини (А, К), минерали, тиосулфати и алицин. На алицинот му се препишува антибиотско, антивирално и антимикотично дејство, а се смета дека го намалува високиот крвен притисок. Искористете го целото младо кромитче, во зелените перки се наоѓа најголем дел од витамините.

ЈАГОДИ

Нема ништо што повеќе асоцира на пролет од јагодите. Оваа црвена вкусна овошка е пребогата со Ц витамин, а јаката црвена боја потекнува од големата количина на флавоноиди (антоцијанидин) што ги содржи. Исто така, една шака јагоди ќе ви даде одлични дози на витамин К, калиум и фолна киселина, многу диетални влакна, а малку калории. Благодарение на органските киселини, на јагодите им се препишува и избелувачко дејство, па неколку јагоди на ден може помогнат да блесне вашата насмевка.

ГРАШОК

Иако грашокот не се смета за екслузивна пролетна намирница, бидејќи е лесно достапен во смрзната и конзервирана форма во текот на целата година, сепак неговиот нутритивен профил во свежа форма не се споредува со останатите две. Грашокот е богат со антиоксидансни и антиинфламаторни состојки. Има низок гликемичен индекс, а како и другите легуминози, претставува добар протеински извор.

ГЛУВАРЧЕ

Иако расте како плевел во секој двор, сепак има бројни полезности. Зелените листови на глуварчето (доколку се набрани од еколошка средина) може да ги користите во салата, а од цветовите да си подготвите сируп за подобрување на имунитетот. Многу е ефективно во прочистување на крвта од токсини и подобрување на целовкупниот промет на материи во организмот. Заради горчината, како и другите горчливи билки, глуварчето позитивно делува на апетитот и варењето на храната.

РОТКВИЦА

Одличен извор на фосфор и цинк, а се смета дека ротквицата има способност да ја намалува температурата на телото, особено погодна карактеристика за потоплите пролетни денови. Имаат смирувачки ефект врз дигестивниот систем.

 


ЦРЕШИ

Богатството од витамини, особено Ц витаминот и пигментот антоцијанин со кој овие слатки задоволства изобилуваат, се одговорни за големиот антиоксидациски потенцијал. Антоцијанините го ослободуваат телото од слободните радикали, ги уништуваат штетните ензими во кожата и го спречуваат нејзиното стареење. Поседуваат и антивоспалителни компоненти, па се одлична ужина за после тренинг и за подмачкување на зглобови.

ЗЕЛЕНА САЛАТА

Сите сорти на зелена салата што ги красат тезгите се вредни за консумирање во огромни количини. Хидрира, обезбедува витамини и минерали, има ниска калорична вредност, голем волумен кој дава чувство на ситост и е неверојатно евтина во пролет. Зелената салата заслужува да биде дел од секој оброк, ручек, сендвич во пролетниот период.