Бургерите од иднината одгледани во лабораторија

Една интересна теорија зачната во Холандија пред неколку години, денес веќе реалност, може да ја промени иднината на месото… 

Професорот Марк Пост од Мастрихт Универзитетот, чие поле на интерес е ткивен инженеринг, смета дека месото може да рипне во тавче директно од петриева шолја, наместо од нечиј труп. Според него ако можеме да одгледуваме човечки органи на овој начин, зошто да не можеме и месо наменето за прехрана?!

Според професор Пост, потребни се само неколку клетки кои понатаму се “засадуваат” во петриева шолја и малку колаген, во соодветни услови и може да се одгледуваат мини бифтек или мини стек во лабораторија.

Дополнително, научниците може да си поиграат со соодносот масти/протеини па да се добие поздрав производ, без хормони и антибиотици. Проблем е тоа што сепак мора да се користи бовин серум кој што се добива од животни, цената на чинење и тоа што се уште нема начин да се добијат големи парчиња месо.

Во 2013 во Лондон за прв пат беше зготвено месо добиено во ин витро услови, а тогаш целиот процес чинеше 250.000 фунти, за денес проф. Пост да успее да добие килограм месо со цена од 80 фунти. Тој вели дека за 2-3 децении месната индустрија може да има сериозна конкуренција.

Чисто за споредба, добивањето на 1000 килограми говедско ин витро е пропратено со 45% помалку електрична енергија, 96% помалку емисија на гасови, 96% помалку вода за пиење и 99% помалку земјена површина, за разлика од месната индустрија која е еден од најголемите загадувачи на денешницата…

Дали вие би јаделе месо од петриева шолја?

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија