Наслов

Зошто Роналд веќе не јаде МекДоналдс

Откако на мал милион дечиња од неколку генерации (попрецизно од 1960 па наваму) ликот на Роналд МекДоналд им беше всаден во нивните мозоци како асоцијација на хамбургер, компанијата реши да го пензионира чудниот кловн.

Претходната недела МекДоналдс ги претстави новите маскоти кои се во облик на хепимил кутии со карактер наречени „Хепи“, а стариот Роналд МекДоналд полека почнува да ја привршува својата кариера.

Следејќи ги се` поголемите трендови на здрава исхрана и откривањето на катастрофалните последици од фаст-фуд индустријата, компанијата се обидува да се преориентира на „поздрав“ избор кога во прашање е најмладата и најлесно заводлива популација. 

Во минатото, почнувајќи од 1960тите години па до пред неколку, Роналд беше главната фигура преку која што компанијата делуваше со агресивни маркетинг тактики токму на малите деца, директно промовирајќи хамбургери, пржени компири и сода во градинки и школи како одличен избор за еден „здрав“ оброк. Ова остави трајни последици во гледиштата на безброј натамошни генерации.

Во последниот период компанијата почна да прима сериозни критики на оваа основа од разни институции па маркетинг компаниите кои го водат овој дел мораа да направат промени во тактиките. Роналд веќе одамна не јаде и промовира „здрава“ исхрана по школите и градинките, а новите маскоти треба да дадат здрави опции за оброк како јогурти и јаболки. 

Сепак, маркетинг експертите велат дека било која промена што сега се прави не може да ја промени асоцијацијата на Роналд со хамбургер и помфрит бидејќи таа е всадена во длабоките ментални и социјални слоеви.

30 Мај 2014

За авторот