Водич за купување авокадо

Малку е тешко да се препознае токму она авокадо кое е тамам за јадење, да не биде цврсто како камен, ниту пред скапување. Ви сервираме неколку трикови како да го купите најдоброто! И уште неколку за после пазар…

ВО ПРОДАВНИЦА

Како ви изгледа лушпата?

Како што созрева, лушпата на авокадото станува потемна. Авокадото со рапава лушпа, која потсетува на алигаторска кожа ја менува својата боја до темно виолетова. Ако сакате да го изедете денес, барајте плод со темно зелена до виолетова лушпа. Ако планирате да го употребите за неколку дена, барајте авокадo со темно зелена лушпа.

Плодовите со мазна лушпа ја менуваат бојата од посветло кон потемно зелено и важат истите правила како и за претходниот тип. Овој тип содржи повеќе вода и помалку маснотии, па и помалку калории.

Какво е на притисок?

Притиснете го плодот нежно со палците за да ја почувствувате неговата мекост под лушпата. Зрелото авокадо ќе има извесна доза на мекост, наместо чувство дека притискате камен. Сепак, ако авокадото е премногу меко и остане длапка под притисокот од прстите тоа е знак дека е презреано.

Како изгледа под рачката?

Извадете го остатокот од рачката. Ако лушпата под рачката е светла тогаш имате добар кандидат, ако е потемнета најверојатно ова авокадо почнало да потскапува.


АВОКАДО ЗА СРЦЕ И СТРУК 


ВО КУЈНАТА

 

Ако купивте авокадо кое го планирате за подоцна, има неколку начини за да го забрзате процесот на зреење. Во хартиена кеса затворете го авокадото со една банана. Етиленот од бананата ќе го забрза зреењето. Или едноставно дајте му време од неколку денови.

Некаде ќе прочитате дека во фурна или микробранова може да го омекнете зеленото авокадо. Ефектот ќе го постигнете, но нема да се развие вкусот на авокадо.

НА ДАСКАТА ЗА СЕЧЕЊЕ

Поделето го авокадото со остар нож на две половини. Со помош на ножот извадете ја семката. Месото најлесно ќе го извадите со лажица.

Потоа уживајте во некој вкусен рецепт со авокадо како овој авокадонез без мајонез или оваа месната безмесната салата.

Останатата половина складирајте ја заедно со семката и прснете неколку капки лимон врз исечената површина да спречите оксидација.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија