Наслов

Скромната зелена пиперка...

...крие една интесна тајна. Побрзајте сезонава да се утепате од јадење пиперки пред бабите да ги сомелат во ајвар.

Зелената пиперка содржи три пати повеќе витамин Ц отколку цитрусното овошје, а сепак малку слава добива заради тој факт. Со само една голема зелена пиперка во вашата салата, ги добивате потребните дневни вредности на витамин Ц повеќекратно. А за приказната да има убав крај, со созревањето, пиперките синтетизираат уште повеќе витамини.

Една од најважните улоги на Ц витаминот во вашиот организам, а со тоа и на пиперката во вашта чинија е продукцијата на колаген, една мултифункционална и многу потребна супстанца. Колагенот е главен протеин во сврзното ткиво на кожата, коските, лигаментите, забите, фасциите, 'рскавиците.

Исто така Ц витаминот делува како антиоксиданс. Реагира со слободните радикали и спречува тие да ги оштетат клетките. Освен Ц витамин во зелените пиперки има солидно количество на витамин А и витамин Б6

За да го искоритите максимумот од зелената пиперка и нејзиното богатство од Ц витамин следуваат неколку совети за во кујна:

  • Секогаш трудете се зелената пиперка да ја внесувате свежа, така најмногу ќе профитирате од Ц витаминот.
  • Витаминот Ц е осетлив на високи температури. Ако сте се решиле за пржење нека биде на споро и на ниски температури
  • Освен пржењето и варењето ќе ви одземе многу од овој витамин бидејќи спаѓа во групата на хидросолубилни (се раствора во вода), затоа избегнувајте варење.
  • Највисоки нивоа на Ц витамин во пиперката има веднаш после сецкањето, а потоа опаѓа, затоа не дозволувајте салатата да отстојува, туку нафрлете ѝ се веднаш.
13 Јуни 2013

За авторот