Секој ден скара наместо кутија цигари?

Резултатите од 18 годишната студија водена на повеќе од 6000 испитаници покажа дека редовното консумирање на високо протеинска диета од анимално потекло (тука не спаѓа само месото!) го носи истиот ризик за канцер како и кутија цигари на ден. Што значи „високо протеинска” диета и дали можеби „пушите” кутија цигари и покрај тоа што не пушите следи подолу.

 

Истражувањето водено од Универзитетот во Јужна Калифорнија беше правено на повеќе од 6,300 возрасни луѓе (од 50 до 65 години), чии што хранителни навики беа следени околу 18 години. Популацијата беше поделена на три групи, оние кои консумираат повеќе од 20% од дневните калории преку протеини од анимално потекло, оние кои консумирале од 10 до 19% и оние кои јаделе помалку од 10% вакви калории.

Резултатите испаднаа доста фрапантни. Луѓето кои спаѓале во првата група (повеќе од 20% од калорискиот внес да доаѓа од протеин од анимално потекло), после 18 години имале четири пати поголем ризик за добивање на некаков тип на рак и 74% поголем ризик за морталитет од било која друга причина за разлика од оние кои внесувале многу помалку вакви протеини.

За разлика од ова, кај групата која консумирала многу низок дневен внес на ваков тип на протеини, односно протеините доаѓале од растително потекло забележани се огромно намалување во морталитетот и ризикот за канцер и дијабетес.

  • „Со ова пронајдовме убедителни докази дека високо-протеинската диета, онаа од животинско потекло е исто толку лоша по вашето здравје колку и пушењето на долг рок.“ – вели Др. Валтер Лонго, докторот кој ја води студијата.

Според нивните препораки (нешто слично спонавме и ние тука), оптимална количина на протеини во еден ден се не повеќе од 0,8 г/кг./т.т/, (10% од дневниот калориски внес) односно, просечен човек кој тежи 80 кг. треба да внесува околу 64 г. протеин.

Ориентационо, 300 грамски стек за една нормална диета од 2000 калории на ден ви нуди околу 25% од калорискиот внес, а содржи приближно од 80 до 98 г. на протеин. Чаша млеко пак содржи 7,2 г. протеин, а 100 г. сирење околу 15-20 грами, па и повеќе на протеин.

Она на што најверојатно се должат лошите ефекти од ваквата диета на хронично ниво се зголемените нивоа на хормонот IGF-1 кој што расте со практикувањето на ваква диета, а е поврзан со стареењето и малигни промени врз клетиките.

Од друга страна, мора да се спомне дека прецизноста на овие опсервациони студии е помала, бидејќи станува збор за голема популација, со најразлични хранителни навики и постојат премногу варијабли за да може да се дадат конкретни бројки, велат одредени нутриционисти.

Сепак, Др. Лонго вели дека „Во никој случај, намалувањето на протеините од анимално потекло не можат да направат нешто лошо за популацијата. Спротивно на тоа, тие може само да дадат позитивни ефекти.“

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија