Што точно сака СЗО да каже за месото и канцерот?

Оваа недела Светската Здравствена Организација објави дека според нивната најнова студија преработените месни производи и црвеното месо потпаѓаат во групата на канцерогени и „веројантно” канцерогени производи. Дали ова значи дека целосно треба да се откажеме од месото и како најдобро да го интерпертираме ние граѓаните?

Според нивните нови резултати добиени од повеќе различни епидемиолошки студии, 22 експерти на СЗО ги класифицираа преработените месни производи како колбасите, сланината, чајните и саламите во „група 1” канцерогени производи во кои се наоѓаат тутунот и азбестот т.е. се наоѓаат во највисоката категорија за предизвикување на рак. Црвеното месо пак, го ставија во категорија „2а”, која е ниво подоле и вели дека овие производи се „веројатно” канцерогени. Но, што точно ова значи. 

Првата работа што треба да се напомене е дека никој не може со сигурност да потврди дека јадењето на овие производи со сигурност ќе предизвика некаков тип на канцер токму во вашиот организам бидејќи за тоа се потребни многу различни фактори, влијанија, комбинации и предиспозиции за истото да се случи. Всушност, СЗО со ова сака повторно и поинтензивно да ги акцентира можните ефекти на дел од овие состојки кои во одредени ситуации (прекумерно консумирање, лошата припрема и слично) реално го зголемуваат ризикот за рак. 

Она што е со голема сигурност, пак, е дека честото консумирање на овие производи во текот на денот и неделата т.е. во вашата исхрана дава поголеми шанси за ризик од некаков вид на рак па затоа објавата на овие информации е најдобро да се третира како еден вид предупредување исто како што веќе години наназад се препорачува луѓето да престанат или намалат со пушењето.

Месото како дел од диетата не секогаш значи и нездраво хранење. Потребно е само да го сведеме на помали количини и поголем квалитет. Тука влегува и начинот на неговата припрема како многу важен аспект во добивање на квалитетен краен продукт за консумирање. Готовите пак преработени производи не сакаме многу многу да ги споменуваме бидејќи тие навистина содржат голем број на додатни состојки за конзервирање кои искрено не ги препорачуваме за секојдневно консумирање. 

Потребно е месото да го направите деликатес во вашиот дом. Уживајте во консумирање на умерени и вкусни порции помалку пати во неделата (значи отпаѓа балканската варијанта на „тон” скара) и секогаш комбинирајте го со зеленчук и салати. На крајот на краиштата, се се сведува на умереност. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија