Наслов

Што е „Палео” диета и што сè смеете да јадете?

Како што сугерира и името, Палео диетата се навраќа на исхраната од палеолитскиот период. Планот на оваа диета е консумирање во главно протеинска и хранлива храна, но воедно е и премногу рестриктивна бидејќи елиминира голема група на хранливи намирници.

Која е главната цел на Палео диетата?

Избегнување преработена храна, производи од шеќер, сирење, сол и слично. Се фокусира на консумирање на здрави масти како ореви, семки, маслиново масло, месо од тревопасни животни, јајца, овошје и зеленчук.

Главната идеја е да се јадат состојки кои биле достапни за време на палеолитската ера. Во теорија, ние сме еволуирале со овој вид на храна, така што нашите тела се добро навикнати на овој вид на храна, за разлика од процесираната храна.

Што не треба да јадете ако сте на Палео?

Ако се држиме до нашето „потекло”, планот на ова исхрана не ги вклучува оброците кои не ги консумирале нашите предци.

Следбениците на оваа диета јадат месо, јајца и риби со што ги исполнуваат препорачаните дневни протеински дози. Притоа избегнуваат млечни производи што може да биде проблематично, бидејќи тие се примарен извор на калциум, фосфор, витамини и цинк.

Исто така, мешунките и житните продукти се исклучени од оваа диета. Дозволено е само консумирање на никулци од семињата.

Како изгледа секојдневната исхрана на Палео?

За појадок: пржени јајца со зеленчук или свеж сезонски лосос омлет. Исто така кафе, чај или свежо исцеден сок.

За ручек: свеж зеленчук од градината, авокадо и морски плодови, салата со сок од лимон/оцет и маслиново масло. Минерална вода, билен чај или чаша вино.

За вечера: Говедско месо, свежа риба и слично. Зеленчук (брокула, моркови...), вода, чај и свежо овошје како десерт.

Луѓето најчесто ја користат Палео диетата за губење килограми, за да се избегне брзата храна, но нутриционистите ја оценуваат како ограничена диета која може да има краткорочни резултати, но на долг рок не е избалансирана.

03 Декември 2017

За авторот