Поздрав избор, зелени или црни маслинки?

За вкусовите баш и нема да расправаме пошто секој си има свој став. Некој сака зелени, некој розови, некој црни, а некој пак воопшто не сака маслинки. Темата која ќе ја разработуваме е разликата помеѓу двата основни маслинови колорити, зелената и црната, и нивните нутриционистички разлики и сличности.

Единствената причина поради што маслинките доаѓаат во толку многу различни колор варијанти во супермаркетите е различното време на берењето на ова чудесно овошје и нивниот начин на преработка.

Сите маслинки на својот почеток се зелени, како и секое друго овошје на светот и тие постепено созреваат па скапуваат со што им се менува нивната боја и конзистенција. Значи, зелените маслинки се рано обрани маслинки, а црните (оние к’на црните) се оставени да созреат, па се обрани. Има и средишни варијанти во палетата како темно и светло розови, кафени итн.

Затоа зелените маслинки секогаш имаат поцврста конзистенција, тие се потврди и повеќе нагорчуваат од црните кои се посочни, помеки и го немаат тој горчлив вкус бидејќи во текот на созревањето тој природно исчезнува.

Од друга пак страна да видиме нешто повеќе за нивните нутри разлики или пак сличности. Нутриционистичката шминка на двата вида е скоро идентична. Тие се пребогати со здрави моно и поли-незаситени масти кои исто така им даваат голем дел од калориската вредност. Имаат малку протеини, јагленохидрати и диетални влакна, но немаат холестерол и транс масти.

И витамините и минералите се застапени во мали количини и тоа најмногу присутни се витамините А и D.

Онаму каде што се разликуваат во нутриционистичките вредности е количината на солта. Бидејќи и двата вида се преработуваат и конзервираат во маринада тие содржат значителни концентрации на сол, но сепак зелените маслинки се тие кои содржат два пати поголеми количини на сол од црните.

Затоа не бидете расистички настроени кон било која од овие Медитеранско кулинарски есенции и вклучете ги во вашето дневно мени бидејќи и двата вида се подеднакво здрави, но секогаш со усул во консумирањето поради солениот проблем.