Портокалово добро утро

Најдобро консумиран свеж или како свежо исцеден сок, впивајќи ги сите негови бенефиции за нашето здравје, речиси и не постои една единствена причина за избегнување на ова цитрусно овошје.

Како и неговата боја, портокалот нутриционистички е овошје што изобилува со позитивности. Неговата калорична вредност е мала, тој не содржи масти и холестерол, но е богат со пектин, јаглехидрат што е дел од клеточните компоненти на многу видови овошја како праските, јаболките, гравот, грашокот и компирите.

Пектинот е поврзан со многубројни здравствени бенефиции. Дејствувајќи како лаксатив, тој ги штити мукозните мембрани на дебелото црево со тоа што го намалува нивниот меѓусебен допир со токсичните канцерогени материи. Исто така, помага во контролирање на нивоата на шеќер во крвта со што помага на лицата со дијабетес, спречува создавање камчиња во жолчката, но и ги спушта нивоата на серумскиот холестерол како и LDL липопротеините.

Како и сите други цитрусни овошја и портокалот е одличен извор на витаминот C што претставува природен антиоксиданс што се бори против инфективните агенси и против слободните радикали. Два просечни портокали ги задоволуваат вашите дневни потреби за овој витамин! Но дали е тоа сè?

Освен добриот биланс на витаминот C и пектин во портокалот се присутни и фитохемикалии. Всушност, во него се откриени над 170 видови фитохемикалии вклучувајќи ги каротеноидите, флавоноидите, терпеноидите, лимоноидите и глукаратите. Сиве овие се одлични антиоксиданси што придонесуваат за здравјето на организмот борејќи се со слободните радикали, дејствувајќи антиинфламаторно и како имуномодулатори. Тие, исто така, имаат и антивирална и антиканцерогена активност.

Портокалот содржи и други видови витамини од типот на витамин А, B1, фолна киселина како и алфа и бета-каротен, бета-криптоксантин, зеа-ксантин и лутеин. Целата оваа антиоксидансна лепеза дава сигурен пат кон подобро здравје и со сигурност треба да го стави портокалот на нашата дневната листа на овошја за консумирање.

Бонус за девојки: Освен портокаловата пулпа или срцевината и албедото (albedo) односно белата обвивка што се наоѓа под кората на портокалот изобилува со супстанции што имаат потенцијал да превенираат рак на дојка и ги ублажуваат ПМС симптомите.