Неотровни факти за печурките

Печурките се користат како храна и лек веќе илјадници години. Тие се едни од најздравите продукти во исхраната на човекот и се препорачува на вашето мени да се најдат барем три пати во неделата. 

Печурките се разликуваат од останатите прехрамбени продукти по тоа што содржат мала количина на сол и шеќер, но повеќе витамини, минерали и антиоксиданси кои штитат од болести. Исто така, тие не содржат холестерол и масти, а поради тоа се и нискокалорични. 

Витамини и минерали
Печурките содржат многу витамини и минерали кои неопходни за организмот како витамин А, витамин Б (1-Тијамин, 2-Рибофлавин, 3-Нијацин, 5-Пантенолска киселина, 9-Фолна киселина), витамин Х (Биотин), железо, калиум, калциум, магнезиум, натриум, цинк, ерготионин и селен.

Антиоксиданси
Селенот и ерготионинот се антиоксиданси кои во голема мера се застапени кај печурките. Антиоксидансите знаеме дека ги врзуваат слободните радикали и помагаат при борбата со хронични болести.

Но она што е интересно е дека во белите печурки има 12 пати повеќе ерготионин отколку во пченичните никулци и 4 пати повеќе отколку во пилешкиот џигер, продукти кои предходно беа највисоко рангирани како содржатели на овој антиоксидант. 

Растителни влакна и протеини
Печурките се богат извор на растителни влакна кои ни се неопходни за правината работа на цревниот систем. Така што, 100г печурки содржат повеќе диетални влакна (2.5г) од 100г целер (1.8г) или од кришка интегрален леб (2.0г).

За вегетаријанците и веганите, печурките претставуваат важна замена за месните производи поради протеините кои тие ги содржат. Но за да внесете комплетен протеин, наместо месо треба да се изедете околу 200г печурки (близу 7г протеин) заедно со брокули и пченка. 

Превенција и лекување
Печурките поради својот лековит состав поволно делуваат кај следниве болести и тегоби: алцхајмерова болест, алергии, анемија, астма, депресија, дијабетес, за подобра концентрација и помнење, импотенција, јакнење на нервниот систем, лекување при некои видови рак, одржување на здрави крвни садови, остеопороза, превенција кај органите за варење, проблеми со штитната жлезда, проблеми со “лошиот” холестерол и крвниот притисок, проблеми со косата и кожата, со нервите, со коските и забите. Имаат позитивно влијание и врз стресот.

Тие содржат и полисахариди кои влијаат на одбрамбеноста на организмот, препознавањето на малигните клетки, нивно уништување и повторното враќање на организмот во рамнотежа. Бидејќи без нормалното функционирање на имунолошкиот систем, нашето тело е изложено на ризик од секакви инфекции и болести.

Печурки за слабеење
Печурките се препорачливи за сите кои сакаат да ја одржат телесната тежина или се борат со непотребните килограми, затоа што (зависно од сортата овие бројки малку варираат) 100 грама печурки во просек содржат 18-26 калории. Тие содржат два до три пати помалку калории од зеленчукот и овошјето што секојдневно го користиме во исхраната.

Во продолжение ќе разгледаме неколку видови на печурки кои се добри за нашето здравје и кои може да ги најдеме на нашето поднебје.

ВРГАЊОТ (Boletus edulis) со сигурност буди најмногу интерес кај љубителите и собирачите на печурки. Има посебен вкус, извонреден квалитет и хранливост. Местото на растење е во мешаните листопадни шуми, почесто и во иглолисните, од почетокот на јуни до крајот на јули и од септември па се до крајот на октомври. Вргањот слободно може да се нарече КРАЛ на печурките.

ЛИСИЧАРКА (Cantharellus cibarius) личи на паткина нога, со боја како жолчката од јајцето или малку црвено-жолта во средината. Јадлива печурка со врвен квалитет, и разновидна употреба. Расте во листопадните и во иглолисните шуми, по правило во колонии, поретко поединечно. Времето на растење е во јуни, меѓутоа бара доста дождови кои ако ги нема, може воопшто и да не се појави, или само во мали количини.

СМРЧАК (Morchella conica) Во неверојатниот свет на печурките, смрчакот е една од најнеобичните. Има необични фигури и мириси и се појавува на места на кои другите печурки не сакаат или привидно нема од што да живеат- на песок, на изгниени крпи и весници, на опожарени места… Сепак најчесто го наоѓаме низ јасикови шуми, во раната пролет. Смрчакот е особено вкусна, ценета и скапа габа. Сурова не треба да се јаде, бидејќи предизвикува стомачни болки.

СОНЧАРКА или СРНДАК (Macrolepiota procera) Овие печурки се препознатливи по својот чадорест изглед, лушпите на шапката и прстенчето во горниот дел од стеблото. Расте по ливади, пасишта, стрништа, шумски чистини, по меѓи, од првата половина на септември, па се до крајот на октомври. Исклучително вкусна печурка, најчесто употребувана во Малешевијата како печена, а може да се суши и да се прави ароматично брашно за чорби.

ЈАЈЧАРКА (Amanita caesarea) Карактеристична по портокаловата боја, убавината и вкусот, со право е наречена ЦАРИЦА на печурките. Позната е уште од римско време каде била гозба за царевите. Може да се најде од јуни до октомври, на отворени и топли места, светли шуми и ливади. Јајчарката има смротоносен двојник Amanita muscaria, која се разликува од неа по изразената кармин-црвена боја на шапката, по која има бели снегулки. Мухарата е една од најубавите печурки, симбол и илустрација на многу цртежи, но колку убава, толку и опасна.

РУЈНИЦА или БРИКОВКА (Lactarius deliciosus ) По боја е бледо жолта до портокалова со бројни потемни дамки кои се во вид на концентрични кругови и често позеленуваат. Површината и е мазна и сува, а работ прво правилен и свиткан, а потоа брановиден. Оваа печурка на притисот позеленува. Расте во мешовити и иглолисни шуми, особено под борови, во период од октомври до ноември. Особено е добра за конзервирање и за салати.

ЦРНА ТРУБА (Craterellus cornucopioides ) Името го добила поради тоа што личи на труба. По боја е темнокафеава до црна. Дршката и е кратка, и полека кон врвот се шири како инка. Сака влажни места и расте во групи од август до ноевмври но, може и да не се роди. Најчесто се употребува сува, како зачин за чорби и супи.

Повеќето печурки имаат и свои отровни двојници. Некои видови отровни печурки можат малку да го отрујат вашиот организам и да предизвикаат полесни проблеми, но постојат и многу опасни печурки кои предизвикуваат оштетување на црниот дроб и нервниот систем и кои резултираат со смрт. Затоа бидете многу внимателни доколку одлучите сами да се снабдите со ова богатство од природата. Колку и да верувате дека ги познавате печурките, не ризикувајте.