Отвори се сезаме!

Изреката од приказните на Шехерезада која алудира на скриено богатство со право може да се претпостави дека потекнува од сусамот. Оваа семка неправедно е означена како украс за пецивата и заслужува поцентрално место на трпезата според хранителните богатства кои ги крие.

Сусамот и сусамовото масло се незаменливи во кујната. Без разлика дали користите таан, јадете алва или гомасио со секои 36 грами сусам ќе внесете мало минерално богатство.

Сусамот претставува одличен извор на бакар – елемент битен за модулација на воспалителниот одговор на телото како и за многу ензимски реакции во телото. Освен бакар во сусамот има и големи количини на магнезиум, калциум, форсфор, манган, па дури и 29% од дневните потреби за железо.

Природен антиоксиданс со кој изобилува нерафинираното масло од сусам е сезамолот. Се смета дека овој антиоксиданс, освен што помага при неутрализација на слободните радикали, ги штити клетките на имуниот систем од радиозрачењето.

Семчињата покажуваат повеќе варијации во бојата од бели до црни, а составот незначително се разликува. Сусамот и маслото од сусам се богати и со есенцијални масни киселини како олеинската и линоленската кои човечкото тело не може да ги синтетизира. Овие масни киселини имаат одлично влијание врз кардиоваскуларниот и нервниот систем.

Благодарение на високата содржина на Е витаминот, сусамовото масло делува позитивно и врз кожата и го успорува процесот на стареење на клетките. За оваа цел или кај повреди на кожата маслото од сусам делува одлично и ако се аплицира топично во вид на облога.

Сусамот кога ќе го употребите во кујната ви отвора пат до многубројни здравствени бенефити. А освен тоа, едноставно нели ја обожавате крцкавата корка со сусам?

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија