Ко(рен)иште

За сите трагачи по лути и луди вкусови ренот е вистинска авантура, ама и добра лековита состојка.

Неговото англиско име е horseradish што укажува на големина или моќност (од анг. horse што некогаш се употребувало во значење на силен, голем). Иронично овој корен е отровен за коњите.

Да почнеме со нутритивната лична карта на ренот. Калории речиси нема и не содржи масти. Одличен извор е на витамин Ц со 41% од дневните потреби во 100 грами рен. Освен овој витамин ренот содржи и ниацин, пантотенска киселина, рибофлавин и фолати. Како и секој друг корен богат е со диетални влакна, но кај ренот најинтересни за споменување се фитохемикалиите, кои му го даваат силниот вкус. Од нив потекнуваат и големите антиоксидативни моќи на ренот.

Има повеќе заболувања кога сериозно треба да размислите за консумација на оваа репка. Во продолжение неколку од нив.

Синузитис е воспаление на слузницата на синусите и во основа ренот многу добро се покажува кај овие воспаленија. Успешно ги намалува симптомите на заболувањето и потечената носна или синусна слузница. Традиционално се препорачува половина кафена лажичка рендан рен наутро и попладне. Без јадење и пиење најмалку 10 минути по консумацијата. Понекогаш овој лек е придружен со
инстантно ослободување на горните дишни патишта, а во некои случаи
дури и препотување и солзење.

Ренот содржи испарливи фитохемикалии кои се одговорни за неговиот вкус, а се сметаат за силен стимулант на апетитот и стимулант на лачењето на желудечни сокови. Па успешно се применува и кај проблеми со дигестијата.

Друго заболување кое може да се третира со рен, благодарение на неговите антибиотски моќи се уринарните инфекции. За овие заболувања одобрен е од Германската Комисија Е (европски еквивалент на FDA). Се смета дека одредени материи од ренот се концентрираат токму во мочниот меур и на тој начин најсилно делуваат против ваквите инфекции.

Првутот како многу досадно и естетски нарушувачко заболување исто така може да се третира со рен, поточно со оцет од рен.

Според некои понови истражувања оваа репка изобилува со глукозинолати, материи кои се поврзуваат со намалување а ризикот од појава на рак.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија