Протеинска ризница со психоактивен прекар

Збор два за конопот како извор на сериозни количини макронутрициенси…

Прво да ги расчистиме психостимулативните догми околу коноповото семе. Конопот кој што се користи за исхрана и производство на текстил, хартија материјали за градежништво и растението од кој се добива марихуана имаат исти предок и нивните сличности завршуваат тука. Количината на ТХЦ (D-9-тетрахидроканабитол) што ја содржи конопот наменет за консумирање е од занемарувачки размери и не се детектира на тестовите за дрога. Со други зборови консумирате онолку ТХЦ од коноповото семе, колку што консумирате опиум во грисините со мак.

Она што ние го нарекуваме семе од коноп е всушнот плодот на коноповото растение кој е ситен и зрнест, па заради изгледот го добива називот семе. На пазарот можете да наидете на семе од коноп со и без лушпа, каде првото е наменето за ‘ртење или е потребно да се смели пред да се консумира, протеински прав од коноп, млеко од коноп, разни производи со конопово семе.

Најкарактеристично обележје по кое конопот е познат во нутритивните кругови е протеинскиот состав во ова навидум обично семе. По својот протеински состав конопот се споредува со млекото, јајцето, месото и сојата и претставува комплетен протеин т.е. ги содржи сите есенцијални амино киселини. Се вбројува во погодни извори на протеини за вегетаријанци и вегани.

Остатокот во најголем дел го сочинуваат масни киселини како омега 3 и омега 6 кои покажуваат антиинфламаторни карактеристики, се смета дека го подобруваат менталното здравје, но исто така го намалуваат и ризикот од развој на деменција кај постарите лица. Битно е да се назначи дека односот на овие две есенцијални масни киселини во коноповото семе е речиси оптимален.

  • Коноповото семе за разлика од повеќето други легуминози, јатки и семиња не содржи анти-нутрициенси. Повеќе на овој линк.
Од витамините вреден за споменување е витаминот Е, а од минералите количините на железо, магнезиум и калиум. Од друга стана коноповото семе содржи и добра доза на диетални влакна кои се помалку ги консумираме во готвената и просецирана храна.
 
Семето од коноп, заедно со разните облици во кои може да се најде претставува нутри ризница, а неинтензивниот јаткаст вкус дозволува да се користи и во слатки и во солени рецепти, да биде омега финиш на утринскиот житен појадок, основа за протеинско овошно смути или хранлив додаток за салати.