Наслов

Кој му ја краде славата на лененовото семе?

Ако 2012 беше година на лененовото семе, тогаш 2013 е дефинитивно година на чиата. Еве и зошто...

Овие семчиња одново доживуваат популарност, а датираат уште од времето на Инките и Маите. Целото внимание од побарувачите на здрава и органска храна го добија во 2009 кога американскиот автор Christopher McDougall во својата книга "Born to Run: A Hidden Tribe, Superathletes, and the Greatest Race the World Has Ever Seen" ова семе го нарекол „домашен Ред Бул". Племето Тарахумара за кое се говори во книгата, на чиата и ја препишува способноста за трчање долги маратони, со неверојатни брзини и минимални повреди.

Сега се поставува прашањето од каде ова семе на организмот му дава солиден буст на енергија? Дел од бенефитите на чиата сè уште не се докажани научно туку се прифатени како такви само на основа на нечии искажувања. Но фактите се тука... Чиата го има оптималниот однос на омега 3 и омега 6 масните киселини (3:1), па според тоа таа е способна да го замени лененовото семе, па дури и лососот во тој поглед (вегетаријанци и вегани!).

Друг битен нутритивен фактор во чиа семето се диеталните влакна. Ова е моментот што ќе Ви помогне со намалувањето на телесната тежина. Имено овие влакна бабрат и формираат една желатинозна супстанца во дигестивниот систем, ја успоруваат дигестијата, па така подолго време ќе чувствувате ситост и нема да имате потреба за грицкање на нездрави ужинки.

Освен диетални влакна, чиата е и комплетен извор на аминокиселини, спремни за телото да ги склопи во протеини, но и минералниот состав не е за потценување. Со само 2 лажички чиа дневно можете да внесете 18% калциум, 24% магнезиум и 50% манган од препорачаните дневни вредности.

Голем плус на овие семчиња е тоа што може да се консумираат цели и како такви телото целосно да ги искористи што ги става неколку скалила над лененовото семе кое мора да се сомеле. А најдобриот дел е што можете да ја комбинирате на сите можни начини, во пијалоци, во кафе, во колачи, сендвичи, пудинг, сладолед, солено, благо... Ем сити, ем здрави!

31 Мај 2013

За авторот