Наслов

Киселата зелка како кралица на трпезите

Ни случајно немој да помислите дека ние, балканците, немаме што навистина здраво да си понудиме на нашите трпези. Со исклучок (читај усул во јадењето) на одредена храна, останатото кое традиционално се служи по македонските трпези е исклучително здраво! Дефинитивно ќе се согласите дека бургерите, пржените риби и чипсот не се дел од нашата традиционална трпеза, нели!?

Ние си имаме туршија, гравче – тавче, комат и други разни месени работи и можеби највкусниот, наједноставниот, а во исто време и многу богатиот зимски спасител наречен – кисела зелка.

Нешто попросто од припрема на кисела зелка не може да се замисли. Мал милон на зелкасти главчиња се полнат (на местото од кочанот) со сол, се ставаат во буре, се полнат со чиста вода и се остава бурето на ладно во нашите шупи, балкони и подруми. Единствената обврска по поставувањето на производствената „линија" е зелката на дневна база да се преточува.

За возврат (благодарение на некои невидливи суштества и мајката природа) добиваме страшно добар и функционален производ кој може да се користи за салата, сармички, готвење во комбинација со месо, подварок и уште милион други кулинарски рецепти.

Што фајде имаме ние од јадењето на купус на 100 начини?

Прво, зелката е вкусна. Како и да вртиш и сучиш, приготвена на било кој начин таа ни ги задоволува речиси сите наши сетила.

Таа е пробиотик пар екселанс. Милионите бактерии и кисели продукти кои таа ги содржи помагаат во прочистување и одржување на дигестивниот систем во беспрекорна состојба. Овие бактерии се нормални жители на нашите долги црева и со киселата средина која тие ја создаваат спречуваат виреење на други микроскопски штетници кои може да надвладеат и да предизвикаат разни инфекции. Таа делува и како одличен лаксатив.

Има ли витамини? Има, и тоа добри количини на витамините А и C. Капетанот Џејмс Кук (по нашки капетан Кука) во доцните 1770-ти ги спасувал неговите морнари, а и самиот себе од смртоносниот скорбут (витамин C дефицит) бидејќи на бродот имале спакувано шест буриња кисела зелка. Количините пак на витамините од групата B, а особено B12 (кој за чудо го има тука) се зголемуваат со самата ферментација.

Што друго прави оваа кисела магија? Таа превенира и помага во лекувањето на одредени видови рак (што не е мала работа). Група на фински научници докажале дека во киселата зелка, особено свежата, се содржат некои анти – канцер материи наречени изотиоцијанати. Овие продукти се присутни во сите ферментирани зеленчуци и превенираат пред се рак на дебело црево, дојка и црн дроб. Затоа јадете свежа кисела зелка!

Нешто повеќе за расолницата како одлична афтер - парти пијачка прочитајте тука.

06 Јануари 2013

За авторот