Кајсивче свежо

Изгледа како единствениот проблем кај кајсијата да е краткиот период на берба. Ако не сакате да бидете од оние чие што лето изминало без оклугливе задоволства, навалете на берење, јадење, пазарување тие имаат многу да понудат.

Традиционално растат кај нас од памтивек. Ситни и мали, ама полни со витамини и минерали, но и други битни нутрициенси.

Кајсијата донекаде може да биде ваш чадор за во лето. Овој епитет и го доделуваме заради големата содржина на бетакаротени, едни многу погодни пигменти за во лето. Имено бетакаротените се поврзуваат со заштита на кожата од штетните УВ зраци, ама сепак дополнително користете и физички чадор затоа што лесно се гори кожа.

Како дополнителен бустер на антиоксидацискиот профил на кајсијата е ликопенот. Овој пигмент е насочен кон штетниот холестерол и така го заштитува  кардиоваскуларниот систем.

Витаминскиот склоп исто така е импресивен. Големата содржина на витамин А во кајсијата е причина за тие да ги штитат очите. Исто така и витаминот Ц го има во изобилство, а добар процент содржи и од витаминот Б6.

Постои и една контроверзија околу ова овошје поврзана со нејзината семка. Од нејзе е изолиран така наречениот амигдалин или витамин Б17. На оваа супстанца и се препишани силни антиканцерогени својства, но постојат и многу противници на ова тврдење. Во секој случај ако уживате во т.н. еврејски семки (печени семки од кајсија) нема да си наштетите, затоа што и семката содржи многу хранливи материи.